АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека за борбата против тероризмот Турција не бара дозвола од никого, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган за рускиот весник „Комерсант“ напиша статија за важноста на соработката помеѓу Турција и Русија, кога станува збор за решавање на сириската криза.
Турскиот претседател притоа пишува дека војната во Сирија, која трае од 2011 година, и во која загинаа стотици илјади луѓе, со одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за повлекување на американските сили дојде до нова фаза. Тој потсети дека во декември разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп и кажал дека Турција е одлучна во преземањето чекори кои повторно ќе воспостават мир и стабилност на Блискиот Исток.
Тој укажува на желбата за продолжување на блиската соработка со Руската Федерација кога станува збор за мировниот процес во Астана, кој заеднички го започнаа.
„Повлекувањето на САД од Сирија е чекор во вистинската насока. Исто така, кризата во Сирија може да ја решат оние земји кои ќе имаат корист од лечењето на раните на Сирија, и на кои ќе им штети нивното продлабочување“, смета Ердоган.
Тој додаде дека Турција, во согласност со тоа, ќе го чува територијалниот интегритет на Сирија, ќе постигне решение што ќе овозможи политичко претставување на комплетно сириско општество и потсети дека неговата земја го поддржува политичкото решение што ќе овозможи враќање на луѓето раселени поради насилството.
Тој ја нагласи потребата од блиска соработка и координација меѓу Турција и Руската Федерација, за овие цели да бидат постигнати.
„Според тоа, договорот за Идлиб, за кој преговараме минатата година, е најјасен показател за важноста на нашата заедничка работа, и тоа од аспект на чување на интересот на сирискиот народ, и на нашите земји“, смета Ердоган.
Укажа и на тоа дека се сведоци на обидите на одредени структури во САД, кои се посебно изразени во последните неколку недели, да се спречи одлуката за повлекување на американските сили од Сирија, а која би можела да помогне во ставањето крај на кризата во таа земја.
„Од аспект на Турција, појдовната точка на овој процес е договорот постигнат за време на разговорот што го имав со Трамп“, истакнува Ердоган.
Тој укажа и на ставовите на одредени страни во САД дека Турција ќе убива Курди и дека не треба да се остават сами, со што се настојува да се врши притисок врз администрацијата на Трамп.
„Пред сè, сакам да кажам дека Република Турција нема проблем со Курдите, и со ниеден слој од општеството кое живее во границите на соседната земја. Неоснованите ставови, со средиште во САД, пуштени во оптек, не ја одразуваат реалната состојба, туку погледите на одредени групи на интереси“, пишува Ердоган.
Тој повтори дека Турција нема да дозволи присуство на ниту еден елемент кој претставува опасност за националната безбедност, и кој претставува закана за територијалниот интегритет на Сирија.
Ердоган се осврна и на поддршката на САД во последниве години кон терористите на ПЈД/ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК.
Смета дека овие чекори, знак прашалник од стратешка и морална гледна точка, се преземени под изговор за борба против ДЕАШ. Тој истакна дека ова погрешно разбирање на САД довело до тоа Сиријците кои живеат под притисок на ДЕАШ да дојдат под контрола на друга терористичка организација.
„Со други зборови, САД јагнето му го довери на волкот. Бидејќи применетата политика беше знак прашалник, цензурирани се официјални веб-страници кои ја признаа поврзаноста со ПКК/ПЈД, а потоа е формирана фиктивна структура под називот Сириски демократски сили. Страните кои ја формираа оваа мапа на патот, денес продолжуваат од меѓународната заедница да ја кријат вистината за ПЈД/ПКК“, смета Ердоган.
Тој нагласува дека сирискиот огранок на ПКК никогаш не бил искрен кога станува збор за борбата против тероризмот.
„Токму спротивното, со убедување на одредени американски претставници, се обидоа, под изговор за борба против ДЕАШ, да ги остварат своите цели за формирање терористичка држава во северниот дел на Сирија. Ние на овој проект одговоривме со организирање на операцјата „Маслинова гранка“ и истерување на организацијата од Африн. Во наредниот период, заедно со пријателите и сојузниците, ќе ги преземе неопходните чекори за заштита на територијалниот интегритет на нашиот сосед“, најави Ердоган.
Тој повтори дека одредени делови од општеството во Америка упорно го игнорираат фактот дека оваа организација не ги претставува сириските Курди, туку напротив, оваа организација предизвика големо зло за сириските државјани од курдско потекло. Ердоган рече дека фактот што десетици илјади сириски Курди кои избегаа од притисоците на организацијата, со години живеат во Турција, се најконкретен пример за оваа ситуација.
„Исто така, од никого нема да бараме дозвола за да се бориме против тероризмот, ниту ќе прашуваме што треба да се направи во врска со терористичката организација на која нашите граѓани ѝ се цел повеќе од три децении. Го задржуваме правото при стекнување услови, да ги земеме за цел терористите кои од сириска територија ѝ се закануваат на нашата земја“, рече Ердоган.
Тој истакна дека тие сакаат да се соочат со неуспехот на патот кон постигнувањата и напредокот остварен со Русија во рамките на процесот од Астана кога станува збор за политичкото решение. Истакна дека е потребна соработка за повторна изградба на Сирија и постигнување безбедност и стабилност во таа земја.
Ердоган нагласи дека верува оти тоа е единствениот начин да се стави крај на тероризмот, да се спречат терористичките организации, првенствено ДЕАШ, повторно да застанат на нозе, и Сирија да се затвори за надворешни влијанија.
Тој ја повтори јасната позиција на Турција кога стаува збор за Сирија.
„Отстранувањето на нестабилноста на нашата јужна граница е можно единствено во соработка и координација со пријателите и сојузниците. Затоа мораме решително да се бориме против ДЕАШ и сирискиот огранок на терористичката организација ПКК. Проблемите со кои се соочуваме во регионот трајно може да ги решат само народите чија судбина е поврзана со судбината на овие простори. Помина времето кога политиката е одредувана според насловите на весниците и кампањите на социјалните мрежи“, истакна Ердоган.
Тој повтори дека Турција од почетокот на војната во Сирија е единствената земја која кажала што мисли да направи за да се избори со нестабилноста и хуманитарната криза на тие простори.
„Исто така, станавме единствена земја која го одржа своето ветување. Продолживме со обезбедувањето хуманитарна помош, од една страна, а од друга страна истакнувавме дека ова прашање може да има само политичко решение. Во тие рамки ние сме подготвени за соработка со пријателите и сојузниците кои ќе ја поддржат борбата против тероризмот, ќе воспостават стабилност и ќе обезбедат мир“, пишува Ердоган.