İdris Okuducu,Yunus Keleş
15 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
МОСУЛ (AA) - Многубројните цивили кои откако започна акцијата за ослободување на ирачкиот град Мосул, при крајот на минатата година, и покрај можноста од напади од страна на терористите, се обидуваат да преживеат во подрачјата под контрола на ирачките безбедносни сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Акцијата за ослободување на Мосул од терористичката организација ДЕАШ на 17. октомври 2016 година ја започнаа ирачката војска и силите на Пешмерга со воздушна поддршка на коалициските сили предводени од САД.
Припадниците на терористичката организација ДЕАШ воспоставија контрола над Мосул пред неполни 2,5 години и оттогаш жителите на градот останаа без контакт со светот. Состојбата малку се подобри по отварањето на патниот правец Ербил-Мосул.
Свесни за високата можност да настрадаат во судирите кои се одвиваат во одредени населени места, во гранатирањата и бомбашките напади, жителите на Мосул кои не ги напуштија своите домови за да заминат во бегалските кампови, настојуваат да пронајдат начин со кој ќе дочекаат подобро утре.
Една од најбезбедните населби во Мосул е Кокјели, која се наоѓа во источниот дел на градот, ослободена на 3. ноември 2016 година. Жителите на Кокјели и околните населби, зеленчукот, овошјето и другите намирници набавени од Ербил, оддалечен еден час возење, ја купуваат на градскиот пазар колку да преживеат.
Велид Зебари е еден од продавачите на пазарот во Кокјели и вели дека многу страдаат поради ДЕАШ, но и покрај тоа настојуваат да преживеат.
Припадниците на терористичката организација ДЕАШ му го убиле синот, и го оставиле без покрив над главата.
”И покрај тоа не сакав да го напуштам домот и земјата. Поради тоа работам како 'подвижен' продавач и така го прехранувам семејството”, додаде Зебари кој рече дека животот во мала мера се вратил во нормала откако Кокјели го зазедоа ирачките војници.
”Започна трговија со Ербил. Ни доаѓа храна и останато. Откако Мосул беше под контрола на ДЕАШ, пазарот беше затворен, а во последните неколку недели луѓето повторно ги поставија тезгите. Да, војната и уличните судири сè уште траат, но мораме да преживееме”, нагласи Зебари во разговор за Anadolu Agency (АА).
Рејан Халид, жител на Кокјели, раскажа дека својот дом го напуштиле по падот на Мосул, и дека се вратиле откако безбедносните сили воспоставиле контрола над Кокјели.
Тој се потсети на убавите денови во Мосул пред доаѓањето на припадниците на ДЕАШ.
”Мосул по заземањето од страна на ДЕАШ значеше смрт. Но кај семејството и кај соседите гледам надеж дека сè ќе биде како порано“, оптимистичен е Халид.
Инфраструктурата во ослободените подрачја во источен Мосул е уништена, така што во неколкуте улици може да се видат испукани водоводни цевки, а од електричните водови остана многу малку.
Поради страв од закани и влијанија од ДЕАШ, одредени жители на Кокјели не сакаат да го откријат идентитетот. Истакнуваат дека богатите можат да ги задоволат своите животни потреби, но состојбата на сиромашните е многу тешка, и дека освен тоа во градот има проблем со храна и питка вода.