ЕРУСАЛИМ (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ -
Израелскиот Парламент (Кнесет) го усвои Нацрт-законот кој Израел го дефинира како еврејска држава-нација, кој беше критикуван бидејќи расистичките и дискриминаторски политики спроведувани против Арапите кои се државјани на Израел, на систематски начин се претвораат во закон, јавува Anadolu Agency (AA).
Кнесетот рано утринава се изјасни, и со 62 гласа „за“ и 55 „против“, го усвои Нацрт-законот кој предизвика големи полемики и критики во тој регион.
Пратениците во Кнесетот од палестинско потекло, во знак на протест, по изгласувањето ги искинаа копиите на спорниот текст, а потоа беа отстранети од парламентарната сала од страна на обезбедувањето.
Од друга страна, еврејските парламентарци кои гласаа за усвојување на Нацрт-законот, славеа и се фотографираа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

- Контроверзниот Закон од 2011 година е актуелен во Парламентот -
Законот, кој беше усвоен со поддршка на екстремно десничарската коалициска Влада под водство на премиерот Бенјамин Нетанјаху, доби големи реакции од Арапите во земјата и од некои левичари, со обвинение дека расизмот и дискриминацијата против Арапите на систематски начин се претвораат во закон.
Овој закон, од 2011 се актуализираше од страна на екстремно десничарските политичари, но поради приговори не можеше да се доведе во Парламентот.
Истиот закон беше актуализиран и во периодот на претходната Влада под водство на Нетанјаху, но поради приговорот на коалициските партнери, не беше ниту ставен на дневен ред на Законодавната парламентарна комисија.
Она на што премиерот Нетанјаху инсистираше во врска со усвојувањето на овој закон, беше една од најважните причини на распуштање на коалициската Влада во 2015 година, и на одржувањето на предвремените избори.
И израелскиот претседател Рувен Ривлин претходно го критикуваше спорниот нацрт, кој ги занемарува речиси сите права на околу 2 милиона Палестинци кои се државјани на Израел.
Ривлин во писмо, упатено до парламентарците, наведе дека Нацрт-законот би можел да ги навреди Евреите кои живеат во другите земји и дека Израел би можел да биде цел на жестоки напади, поради дискриминација на нееврејското население. Тој бараше ревидирање на спорните одредби на Нацртот, што владејачката опција во Парламентот не го уважи.
Исто така, поранешниот претседател на Израел, Шимон Перез, беше меѓу тие кои се против овој закон. „Овој закон ќе ѝ наштети на нашата држава, и однатре и однадвор, и ќе ги затресе демократските принципи на Израел“, истакна претходно тој.
Во вестите објавени изминатите денови во израелските медиуми, се наведуваше дека поранешниот претседател на САД, Барак Обама, за време на својата претседателска функција бил против овој закон.
Извршниот одбор на Палестинската ослободителна организација, по повторното актуализирање на овој закон во израелскиот Парламент, изјави дека тој има за цел отстранување на дводржавното решение кое стои пред проектот „Голем Израел“.
- Што носи овој закон? -
Со оглед на тоа што Израел нема класичен устав, туку „темелни закони“, кои се највисок акт на оваа земја, усвоениот Нацрт-закон ќе биде сместен во него и Израел ќе ја дефинира како држава-нација на сите Евреи.
Овој закон, за кој се вели дека е сличен на законите на расистичкиот апартхејд-режим во Јужноафриканската Република, предвидува два различни модела на граѓани, според кои, Арапите кои сочинуваат 20 отсто од вкупното население на оваа земја од 8 милиони, ќе бидат во позиција на граѓани од втора класа.
Израелските власти и досега спроведуваа дискриминаторска политика кон арапското население, а со новиот нацрт, тоа е легализирано. Така арапскиот јазик ќе го изгуби статусот на службен јазик, статус кој ќе го има исклучиво еврејскиот јазик.
Покрај тоа, другите точки во Законот се следни: „Во оваа земја само Евреите имаат право за определување на својата судбина; Израел е една еврејска земја; Израел е татковината на сите Евреи во светот; Во случај на правен вакуум, за референца ќе се зема свештениот закон на Евреите; Сите Евреи во светот имаат право да се вратат во Израел; Верските празници на Евреите ќе бидат сметани за државни празници, и: Главниот град на Израел е Кудс.“
Поголемиот дел од одредбите на овој нацрт се во спротивност со постоечката законска одредба дека во Израел сите граѓани имаат еднакви права и можности, бидејќи тоа во практика нема некоја смисла.
Прогласувањето на Израел за татковина на сите Евреи, исто така ги занемарува правата на историското присуство на Палестинците на нивната територија.
Во оваа насока, исто така, се поттикнуваат Евреите од другите земји на доселување во Израел, а се блокира враќањето на Палестинците протерани од нивната татковина во 1948 година.
Над 20 отсто од лицата кои живеат во земјата со населеност од околу 8 милиони жители, ги сочинуваат палестински Арапи, државјани на Израел, кои за време на протерувањата во 1948 година успеале да останат во земјата.
- Над половина од Палестинците се протерани од својата татковина -
Над половина од Палестинците беа протерани од својата татковина откако во 1948 година Израел прогласи независност во окупираните палестински територии, и беа принудени да мигрираат.
Според Извештајот на ОН објавен во 1950 година, над половина од тогашното население на Палестина (957.000 лица) било принудено да ја напушти својата татковина, со тоа што Палестинците биле во позиција на бегалци.
Израел продолжува да гради илегални еврејски населени места во Западен Брег и Источен Ерусалим (Кудс) кои ги окупираше во 1967 година.
Во Источен Ерусалим се наоѓаат околу 200.000, а во Западниот Брег околу 400.000 еврејски населеници. Според меѓународното право, сите еврејски населени места се сметаат за илегални.
Појасот Газа од 2006 година досега е под блокада на Израел. Со изградениот ѕид на поделба, Израел го спречува влезот на Палестинците од Западен Брег во Ерусалим (Кудс).