Ekipa
02 Мај 2018•Ажурирај: 03 Мај 2018
АДИС АБЕБА (АА) - Руевен Ривлин испиша нова страница од историјата како прв израелски претседател кој допатува во посета на Етиопија. За време на посетата, двете страни ветија дека ќе го подобрат партнерството преку долгорочните односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Етиопија, Мулату Тешоме, истакна дека односите меѓу Етиопија и Израел датираат од пред 3.000 години, кога тогашната етиопска принцеза Макда го посети царот Соломон во Ерусалим.
Тешоме билатералните односи ги нарече легендарни, еклектични, сентиментални и одлични. Тој, исто така, повика на зајакнување на економските односи, особено во поглед на зголемувањето на трговската размена и инвестициите.
„Израел ни вети дека ќе обезбеди техничка помош за Етиопија преку својата официјална агенција за развој Машав“, рече Тешоме.
Израелскиот претседател Ривлин истакна дека Израел во изминатите 70 години успеал да постигне успешни резултати во безбедноста на храната, земјоделството и во областа на технологијата.
„Ние сакаме да работиме со вас во сите сектори“, нагласи израелскиот претседател.
Тој побара од Етиопија да му помогне на Израел во ослободувањето на израелските војници кои ги држи Хамас.
Закери Доненфилд од Институтот за безбедносни студии, за АА изјави дека Израел се бори да го задржи влијанието во Африка, како што беше потврдено од страна на неодамнешните посети на израелска делегација на високо ниво на регионот.
„Кенија и Етиопија се двете најбрзорастечки економии на континентот, и претставуваат потенцијално огромен пазар“.
Тој истакна дека Израел сака да извезува некои од своите технологии во наводнувањето, земјоделството и безбедноста.
„Мислам дека Израел се надева оти овие билатерални односи во Африка ќе ги искористи за подобрување на својот имиџ на глобално ниво, и евентуално да го прошири поволниот гласачки блок во меѓународните форуми, но тоа е резервна цел и најверојатно нема да се реализира. Неуспехот во решавањето на палестинското прашање, ширењето на нелегалните населби и израелската поддршка на апартхејдот во Јужна Африка, ги отежнува нивните напори да се обезбеди значајна поддршка“, рече Доненфилд.
Според него, целите на Израел во Африка се главно економски и безбедносни.
„Бараат нови актери, првенствено Етиопија, за партнерства во областа за безбедноста во Источна Африка, и бараат да извезуваат технологија на оние кои се подготвени да ја користат. Подобрената слика би била добредојдена, но мислам дека тоа е долга игра", заклучи Доненфилд.