Dildar Baykan
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Во истражување спроведено во САД се вели дека имигрантите кои по потекло се Мексиканци или муслимани, во САД се гледаат како „пониска класа“, а поради таквиот третман, претставниците на овие заедници можат да бидат учесници во насилни протести, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувањето што го направија универзитетите „Пенсилванија“ и „Нортвестерн“ под наслов: „Обратна реакција: Политика на дехуманизација на малцинските групи и резултати од реалниот живот“, покажа дека различниот третман на малцинствата и прикажувањето на имигрантите како пониска класа, овие лица ги турка кон насилство и кон тоа помалку да соработуваат со претставниците на законот во борбата против тероризмот.
Во рамките на истражувањето е изработена анкета во која учествувале 1.100 Американци, од најнеобразовани до најобразовани луѓе, од кои било побарано да дадат оцена од 0 до 100 поени за Мексиканците и за муслиманите што живеат во земјата.
Се забележува дека поголемиот број бели Американци, во просек, ги оценуваат Мексиканците со 75 поени, муслиманите со 70, а Американците кои ги гледаат како самите себеси со 95 поени. Воочливо е дека во текот на истражувањето што е спроведено за време на претседателската кампања во САД, поголем е бројот на симпатизери на тогашниот кандидат Доналд Трамп.
Од друга страна, во текот на изборната кампања на Трамп, поради ставот на Републиканската партија и на Американците, забележлива е перцепцијата на латиноамериканските и муслиманските малцинства како пониска класа.
Резултатите од истражувањето, во кое членовите на овие заедници се прикажани како луѓе од пониска класа, покажа дека ваквото класифицирање на припадниците на овие заедници ги турка овие лица кон насилство и тие имаат помала соработка со претставниците на законот во борбата против тероризмот.
Една од истражувачите, Емил Бруно изјави: „Доколку против Мексиканците и муслиманите користиме израз со кој тие ќе се почувствуваат како луѓе од пониска класа и притоа спроведуваме политика во таа насока, тогаш таквата состојба припадниците на овие заедници ќе ги пренасочи кон насилство“.
Резултатите од истражувањето се објавени во билтенот „Личност и социјална психологија“.