Tayfun Salcı
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) – Според последните анкети за јавното мислење во земјата, од референдумската одлука за напуштање на Европската Унија од страна на велика Британија (Брегзит) до денес гневот кај Британците се зголемил, а довербата во политиката е намалена. Според глобалната анкета „Еделман траст барометар“, која се објавува секоја година, 69 отсто од испитаниците сметаат дека населението во Британија „е погневно во однос на политиката и општеството“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во анкетата реализирана врз 2 илјади испитаници во периодот помеѓу 18 декември - 7 јануари во Велика Британија, 45 отсто од испитаниците мислат дека веројатноста за учество на населението во насилни демонстрации е висока, додека околу 20 отсто од испитаниците се изјасниле дека поради расправиите за Брегзит има заладеност во односот помеѓу пријателите и роднините.
Според истражувањето, 65 отсто од населението смета дека Велика Британија е на „погрешен пат“, а овој процент кај населението што гласаше земјата да остане во ЕУ се зголемил на 82 отсто. Од друга страна, 42 отсто од испитаниците што гласале за Брегзит веруваат дека земјата е на „погрешен пат“.
- Нема доверба ниту за Меј, ниту за Корбин -
Истражувањето покажува дека 35 отсто од испитаниците во анкетата имаат доверба во премиерката Тереза Меј, додека довербата за лидерот на опозицијата, Џереми Корбин, е 26 отсто. Според анкетата, и двајцата лидери ја губат моќта кај сопствената база на гласачи. Во последната година довербата за Меј во сопствената база на гласачи се намалила од 78 на 68 проценти, а кај Корбин од 68 се намалила на 56 отсто.
Од испитаниците 72 проценти сметаат дека животот во Велика Британија е „неправеден“, додека 53 проценти од учесниците во анкетата изразиле разочарување во социо-политичкиот систем. Дека сакаат промени во земјата истакнале 68 отсто од испитаниците.
Според истражувањето, 61 отсто од населението смета дека нивните ставови не се претставени од страна на политичките партии, овој процент меѓу Лабуристичката партија изнесува 66 отсто, а меѓу членовите на Конзервативната партија 43 отсто.
Од друга страна, дебатите за Брегзит го зголемија интересот кон медиумите во земјата. Триесет и пет отсто од испитаниците изјавиле дека читаат и гледаат повеќе вести отколку порано. Исто така, од 41 на 63 отсто е зголемен процентот на споделување на вестите по социјалните медиуми.
- „Брегзит ја откри поделеноста во општеството“ -
Претставникот на Велика Британија и Ирска, Ед Вилијамс, оценувајќи го истражувањето рече дека резултатите ја покажуваат поделбата во Велика Британија.
„Брегзит ја откри поделеноста во општеството“, рече Вилијамс и додаде:
„Сè повеќе и повеќе даваме слика на земја која е помалку толерантна и земја која е на погрешен пат. Брегзит ги раздели семејствата, ги подели пријателите, нас како општество не направи повеќе груби и гневни, ги зголеми стравувањата од протести кои вклучуваат насилство“.
Според истражувањето спроведено од страна на британската истражувачка агенција „Велика Британија во променета Европа“, населението во Британија покажува поголем интерес за Брегзит, отколку за политичките партии.
Според ова, околу 95 проценти од населението во Велика Британија биле заинтересирани за Брегзит, додека интересот за политичките партии кај населението изнесувал 80 проценти.
На референдумот на 23 јуни 2016 година, 52 проценти од гласачите гласаа за Брегзит, додека 48 проценти беа против.