Mehmet Tosun
03 Јули 2017•Ажурирај: 03 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот на Република Турција, Нуман Куртулмуш, денес во Анкара изјави дека претставниците на неговата земја кои учествуваат на преговорите во Швајцарија за решавањето на кипарското прашање, нема да прават никакви отстапувања сѐ додека не бидат исполнети гаранциите кон турската заедница на островот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција нема да прави никакви отстапувања сѐ додека не бидат исполнети гаранциите кон турската заедница на островот. Картите, прашањето за територијата и сѐ друго може да биде предмет на разговор кога ќе бидат исполнети сите гаранции кон турската заедница. Турција останува на тој став“, изјави Куртулмуш по седницата на Владата на Турција.
Во швајцарското гратче Кран-Монтана утринава продолжија преговорите за решавање на кипарското прашање, а делегациите своите предлози и ставови ги предадоа на делегацијата на ОН што посредува во преговорите.
Конференцијата во конгресниот центар „Ле Регент“ на Алпите продолжи со утринскиот состанок на делегациите на Турска Република Северен Кипар и Република Кипар, и делегацијата на земјите т.н. гаранти,Турција, Грција и Велика Британија.
Земјите-гаранти му ги предадоа на специјалниот пратеник на ОН за Кипар, Епен Барт Еиде, предлозите за решавање на прашањето за безбедност и гаранциите за мир на Кипар, а потоа и делегациите на двата дела на Кипар ги предадоа своите предлози коишто ги опфаќаат сите други прашања важни за решавање на кризата којашто трае веќе пет години.
Делегациите се повлекоа за да ги анализираат предлозите на другите страни. Продолжението на преговорите се очекува вечерва, во 18.00 часот по локално време.
Главни теми на преговорите во Швајцарија се идниот економски систем во Кипар, членството во ЕУ, распределбата на власта и моќта, правен статус на земјиштето, гаранции, безбедносниот систем и сопствеништвото над јавните ресурси. Целта на преговорите е обединување на поделениот Кипар во федерална целина, а тоа решение знаќително би ги одредило и идните односи на Турција со ЕУ.