Anees Suheil Barghouti
30 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Генералниот комесар на Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNRWA), Пјер Крахенбул, го претстави предложениот буџет од 1,2 милијарди американски долари за 2019 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNRWA), финансирањето е потребно за да се продолжи со обезбедувањето помош за околу 5,4 милиони палестински бегалци низ Блискиот Исток и за одржување на активностите на Агенцијата на нивото од 2018 година.
Минатата година, американскиот претседател, Доналд Трамп, го намали годишното финансирање на Вашингтон за Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNRWA). САД досега беа најголем придонесувач на Агенцијата, обезбедувајќи ја со по 350 милиони долари секоја година - приближно една четвртина од вкупниот буџет.
„Додека се соочувавме со најтешкиот финансиски предизвик во нашата историја, беше инспиративно да сме сведоци на степенот и великодушноста на одговорот од владите на домаќините и донаторите“, беше цитирана изјавата на Крахенбул во соопштението на Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNRWA).
Тој додаде дека новиот буџет е од суштинско значење за зачувување на клучните услуги што ги спроведува храбриот персонал на УНРВА во некои од најтешките и поларизирани региони на Блискиот Исток.
„Во прашање се достоинството и правата на палестинските бегалци - особено правото на образование за околу 535.000 девојчиња и момчиња - како и регионалната стабилност“, рече Крахенбул.
Тој додаде дека се потребни 750 милиони долари за да продолжат основните активности на Агенцијата, вклучително и образованието, здравството, олеснувањето и социјалните услуги.
Крахенбул изјави дека додатно се потребни 138 милиони долари за да се обезбеди итна помош во блокираниот Појас Газа и окупираниот Западен Брег (вклучувајќи го и Источен Ерусалим), а 277 милиони долари се додатно потребни за поддршка на итниот повик на Агенцијата за сириската регионална криза.
Основана во 1949 година, УНРВА обезбедува помош за палестинските бегалци во блокираниот Појас Газа, Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија.