İslam Doğru
01 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
ЊУЈРОК (АА) - Се тврди дека Соединетите Американски Држави (САД) на илегален начин ги транспортирале во Ирак припадниците на терористичката организација ДЕАШ фатени во Сирија, со цел да бидат задржани во притвор и да бидат судени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ (HRW) се тврди дека странските борци на ДЕАШ кои биле фатени во северниот дел на Сирија од страна на елементите на терористичката организација ЈПГ/ПКК, биле транспортирани во Ирак од страна на САД, со цел да бидат судени според Законот за борба против тероризмот 2005.
Во извештајот, кој е подготвен според информациите добиени од независни судски набљудувачи и од други извори, се наведува дека најмалку 4 осомничени државјани на Австрија, Франција и Либан биле пренесени во Ирак каде што биле изложени на тортура, и биле судени во ирачките судови.
Според овој извештај, спротивно на меѓународното право е кога една земја трансферира лице кое е во притвор на место каде што постои ризик тоа да биде изложено на тортура или малтретирање.
Директорот на „Хјуман рајтс воч“ за борба против тероризмот, Надим Хури, истакна дека е важно осомничените на ДЕАШ да бидат судени, но, според него, не може да се спроведува правдата преку овозможување лицата кои се во притвор, да бидат изложени на малтретирање.
„САД не треба да ги пренесуваат осомничените на ДЕАШ во Сирија, Ирак или во некое друго место, ако постои ризик од тортура или неправедно судење“, додаде Хури.
Се вели дека „Хјуман рајтс воч“ на 10 септември испратила писмо до Владата на САД за да ја открие политиката на трансфер на притворените, но, според соопштеното, сѐ уште не добила одговор.