Betül Yürük,Mustafa Keleş
22 Декември 2016•Ажурирај: 22 Декември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Генералното собрание на Обединетите нации ја прифати нацрт-резолуцијата за формирање „непристрасен и независен меѓународен механизам“ за истрага на извршените воени злосторства и прекршувањата на човековите права во рамките на меѓународните човекови права во војната во Сирија што се води од 2011 година. Ова тело ќе собира докази, ќе ги проценува и ќе подготвува документи за да се олесни процесот на судење на виновниците, јавува Anadolu Agency (AA).
Нацрт-резолуцијата ја подготви Лихтенштајн, а таа беше прифатена на Генералното собрание на ОН со поддршка од страна на 57 земји.
Нацрт-резолуцијата е усвоена со 105 гласа, 15 земји гласаа против, додека 52 беа воздржани.
Постојаниот претставник на Лихтенштајн во ОН, Кристијан Венавесер во говорот што го одржа пред гласањето во Генералното собрание истакна дека не се исполнети обврските што ги налага Повелбата на ОН и затоа го изработиле проектот за формирање на овој механизам со цел да не останат неказнети извршителите на воените злосторства во Сирија, кои тоа го прават од 2011 година досега.
- Механизмот на ОН ќе собира докази за извршени воени злосторства -
Механизмот на ОН според меѓународните човекови права ќе собира докази за извршени воени злосторства и за прекршување на човековите права во Сирија. Исто така, за нив ќе подготви документи за судскиот процес што ќе се води пред Меѓународниот кривичен суд или на национален, регионален или меѓународен суд, со што процесот ќе се олесни.
Овој механизам за собирање, анализирање и изготвување извештај за доказите во врска со прекршувања на човековите права и извршени воени злосторства во Сирија, почнувајќи од 2011 година, ќе соработува со Меѓународната независна истражна комисија на ОН за Сирија.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун и Високиот комесаријат за човекови права на ОН неколкупати упатија повик дека е потребно извршените воени злосторства во Сирија да бидат предадени пред Меѓународниот кривичен суд.
За да може извршените воени злосторства во Сирија да бидат предадени пред Меѓународниот кривичен суд, потребна е одлука од Советот за безбедност на ОН. Во 2014 година, за извршени воени злосторств пред Меѓународниот кривичен суд била донесена нацрт-резолуција, но за неа било ставено вето од страна на Русија и Кина.
- Поддршка од организацијата „Хјуман рајтс воч“ -
Од друга страна, поддршка за нацрт-резолуцијата даде и организацијата „Хјуман рајтс воч“. Во соопштение на организацијата се вели дека од витално значење е да се формира конкретен механизам за правда, кој ќе собира докази што ќе можат да се користат пред суд.
Во продолжение на соопштението се вели дека земјите што на Генералното собрание го дале својот глас за нацрт-резолуција, заземале добар став во периодот во кој Советот за безбедност на ОН е блокиран.
Директорот на глобалниот центар за заштита на одговорноста, Симон Адамс, во врска со ова прашање рече: „Денеска усвоената нацрт-резолуција можеби нема да му стави крај на масакрот во Сирија, но е историски чекор за да им се испорача сметка на извршителите на воените злосторства“.
Зборувајќи за приговорот на претставниците на режимот на гласањето, Адамс рече: „Доколку владата на Сирија е недолжна како што тоа го тврди, тогаш нема потреба да биде загрижена од еден непристрасен и независен механизам за истрага“.
Постојаниот претставник на режимот на Сирија во ОН, Башар Џафери, за формирањето на конкретниот механизам на средбата на Генералното собрание на ОН рече дека оваа нацрт-резолуција е во спротивност со повелбата на ОН и го критикуваше гласањето на нацрт-резолуцијата.