Ekipa
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Церемонијата за отворање на првата фаза на еден од најголемите аеродроми во светот ќе се одржи денес, и на неа ќе присуствува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и лидери од целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата која ќе се пренесува во живо ќе започне во 16:30 минути по локално време (14:30 часот по средноевропско), на денот на 95-годишнината од основањето на Република Турција.

Над 50 странски официјални лица од најмалку 18 земји, вклучувајќи ги и Турската Република Северен Кипар, Македонија, Молдавија, Пакистан, Србија, Судан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Демократска Република Конго, Словенија, Грузија, Иран, Молдавската Автономна Територијална Единица Гагаузија и Велика Британија, ќе присуствуваат на церемонијата.
Изграден преку конзорциум на пет претприемачи, проектот изведен преку моделот изгради-работи-трасферирај, ќе обезбеди над 26 милијарди евра приход за државата.

Простирајќи се на површина од над 76 милиони метри квадратни, првата фаза од аеродромот ќе опслужува 90 милиони патници.
Со комплетирањето на останатите фази што треба да бидат завршени до 2023 година, аеродромот ќе има шест одделни писти со капацитет од 500 авиони, 200 милиони патници годишно и отворени и затворени паркинзи за 70.000 автомобили.

Аеродромот ќе биде дом за најголемиот „дјути фри-шоп“ (бесцарински трговски) комплекс, кој ќе се простира на 53.000 метри квадратни и ќе се состои од шест дела, вклучувајќи и продавници за луксузни производи.
Првиот лет од аеродромот ќе биде кон турскиот главен град, Анкара, на 31 октомври, а првиот меѓународен лет кон Турската Република Северен Кипар следниот ден. Првиот лет кон главниот град на Азербејџан, Баку, ќе биде на 8 ноември.

Од аеродромот ќе има летови и кон јужниот турски град Анталија од 1 ноември, и кон Измир од 2 ноември.
Се очекува до крајот на годината низ аеродромот да минуваат 2.000 авиони дневно, кон 350 дестинации, со над 250 превозници.