ИСТАНБУЛ (АА) - Саудиските власти, по 18 дена откако саудискиот новинар Џамал Кашоги на 2 октомври влезе и не излезе од Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, соопштија дека признаваат оти Кашоги починал како резултат на расправија во Конзулатот, пишува Anadolu Agency (AA).
Прашањето „Каде е трупот на Кашоги?“ е актуелно кај сите кои од првиот ден одблизу ги следат случувањата.
Изјавите на Саудијците во врска со смртта на Кашоги, не содржат информации околу тоа како дошло до случајот и каде моментално се наоѓа неговиот труп.
Активистите, колумнистите и новинарите кои се заинтересирани за убиството на Кашоги, сакаат да знаат каде се наоѓа трупот на Кашоги.
Роџер Коен, колумнист во американскиот весник „Њујорк тајмс“ (New York Times), во својата колумна која ја напиша по веста околу убиството на Кашоги, на циничен начин во врска со неговата смрт напиша: „Дали (е убиен), задушувајќи го со раце за време на расправија?“
„Дали 15 лица биле испратени за да се сретнат со Кашоги? Дали еден од нив имаше пила? Дали Кашоги по 17 дена излезе од Конзулатот?“, напиша Коен во својата колумна.
- „Дали американскиот државен секретар бил испратен во Ријад за да се напише една поприфатлива приказна?“ -
Коен вели дека Саудијците повторно ја уредиле приказната, истакнувајќи дека ако американскиот државен секретар, Мајк Помпео, бил испратен во Ријад за да напишат една поприфатлива приказна, тогаш треба да бидат информирани дека оваа мисија заврши неуспешно.
Од друга страна, јеменската активистка Тевекул Карман, добитничка на Нобеловата награда за мир, коментираше дека заменик-шефот на разузнавачката служба на Саудиска Арабија, Ахмед Асири, како и потсекретарот на Кралскиот суд, Сауд бин Абдула ел Кахтани, биле разрешени од функциите бидејќи биле неуспешни во завршувањето на атентатот без скандал.
По разрешувањето на овие двајца функционери, саудискиот крал Селман бин Абдулазиз, даде наредба за реструктурирање на општата разузнавачка служба на земјата со една новоформирана комисија со која ќе претседава престолонаследникот, принцот Мухамед бин Селман.
- „Во отсуство на Џамал, ќе излезат и илјада Џамали кои ќе го носат факелот на слободата“ -
Абдулхалик Абдула, истакнат професор и политички коментатор од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), во објава на Твитер во врска со случајот, напиша: „Денес е еден тажен ден за мене, за пријателите на Кашоги и за сите слободни луѓе во светот. Тешко ја плаќаат цената оние кои влегоа во борба за слобода, и оние кои излегоа на преден план за храбро да ја кажуваат вистината. Мој пријателе, движењето за слобода ќе продолжи и во твое отсуство. Во отсуство на Џамал, ќе излезат и илјада Џамали кои ќе го носат факелот на слободата.“
Египетскиот професор и мислител Сејфедин Абдулфета, го критикуваше ставот на Саудиска Арабија за случајот „Кашоги“, со зборовите: „Зошто Саудиска Арабија неколкупати го негираше убиството на Кашоги? Каде е неговиот труп? Зошто ’приказната за расправија‘, која беше причина за неговата смрт, задоцни две недели по неговото исчезнување?“
Исто така, египетскиот активист Ваил Гунејм, нагласи дека сеќавањето за Кашоги ќе живее во мислите и срцата на голем број лица низ светот кои веруваат во човештвото.
- Неговиот тестамент бил да биде погребан во Медина -
Гунејм рече дека Кашоги го познавал како еден благороден човек на борбата. Тој посака мудреците во Саудиското Кралство да ја разберат важноста на казнувањето на лицата кои биле вмешани во убиството на Кашоги.
Сирискиот новинар Муса Омер, прашувајќи каде е трупот на Кашоги, потсети на тестаментот на Кашоги за да биде погребан во Медина.
„Ако починал како резултат на расправија, тогаш каде е трупот на Кашоги?“, праша либанската новинарка Неџла Ебу Мера, укажувајќи на несериозноста на изјавите околу случајот.
Јеменскиот новинар Хамди ел Бекари, во објава на Твитер напиша: „Бараме одговор на прашањето кое сите го поставуваат, каде е неговиот труп?“
Новинарката од Бахреин, Незихе Саид, вели дека е потребно да се одговори на прашањето околу тоа каде е трупот на Кашоги. Таа нагласи дека за да се спроведе правдата не е доволно саудискиот крал Селман бин Абдулазиз, по убиството на Кашоги да разреши саудиски функционери.