Ekip
15 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
АЛЕПО (АА) – Конвојот за евакуација што носи ранети лица од источен Алепо, кој е под опсада на режимот и шиитската милиција под иранска команда, пристигна во руралните делови на западен Алепо контролирани од опозициските сили, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите на АА, првиот конвој со кој се евакуирани 200 ранети лица го помина регионот што е контролиран од режимските сили, а по префрлањето на ранетите во зелените автобуси во областа Рамусе, го помина и четирикилометарскиот пат.
Конвојот целосно го помина регионот што го контролираат режимските сили и пристигна во руралните предели на западен Алепо, контролирани од опозицијата. Конвојот со зелени автобуси преку областа Рашидин е упатен кон градот Идлиб, на границата со Турција. Шиитската милиција под команда на Иран и армијата на Асад го нападнаа Рашидин 20 минути пред да пристигне конвојот.
Во меѓувреме, започнаа подготовките за вториот, поголем конвој за евакуација.
- Првиот обид за евакуација беше саботиран
Шиитската милиција под команда на Иран се обиде да го саботира процесот на евакуација пред нападот во Рашидин. Таа го нападна конвојот околу 11ч., додека конвојот чекаше на контролниот пункт на режимот, со цел да излезе од регионот, при што 4 цивили го загубија животот. По овој инцидент, конвојот се врати назад.
Силите под водство на Иран вчера започнаа широк напад врз опозициските сили, кога турските и руските власти се обидоа да воведат прекин на огнот. Со вклучувањето на Русија, нападите значително се намалија, но малтретирањата од страна на иранските сили продолжија до утрото. Во нападите на истокот на Алепо учествуваат околу 7 илјади припадници на милицијата, и тоа, од Хезболах, од авганистанската бригада – Фатимијун, од ирачката бригада – движењето Нуџеба и од бригадата Бекир, а нивен командант е иранскиот генерал Сејид Џевад.