Ali Cura
21 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
МОСКВА (АА) - Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, истакна дека Русија ја осудува изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, дека ќе се повлечат од Договорот за нуклеарни сили од среден дострел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Рјабков, за руската новинска агенција ТАСС истакна дека е потребно време за да се процени состојбата во врска со изјавата на Трамп.
Тој рече дека не треба да се носат вакви одлуки со „емоционални испади“. „Ги осудуваме методите за уцена и напорите кои продолжуваат, за Русија да направи компромис за прашање важно за зачувување на стратешката стабилност и безбедноста во областите на меѓународната безбедност и нуклеарното оружје“, додаде Рјабков.
Тој нагласи дека некои сили во Вашингтон вршат притисок врз администрацијата на земјата за да донесе одлука која ќе доведе до официјално повлекување од Договорот. „Тоа би бил многу опасен чекор“, рече Рјабков.
Тој истакна дека очекуваат да добијат конкретни информации во оваа насока од Џон Болтон, советник за национална безбедност на САД, кој денес ќе допатува во Москва каде што ќе реализира официјални средби.
Трамп во врска со Договорот за нуклеарни сили од среден дострел, потпишан меѓу Русија и САД, рече: „Ние бевме таа страна која остана во Договорот и го почитуваше, но Русија, за жал, не го почитуваше овој Договор. Затоа, ние ќе го прекинеме и ќе се повлечеме од него.“
Овој Договор е ратификуван во 1987 година во Вашингтон од страна на САД и тогашниот Советски Сојуз.