Özkan Beyer,Rauf Maltaş
23 Јуни 2017•Ажурирај: 24 Јуни 2017
ГАЗИАНТЕП / ШАНЛИУРФА (AA) – Мајсторите за баклава во турските градови Газиантеп и Шанлиурфа овие денови напорно работат за да подготват доволни количини од познатиот специјалитет за претстојниот празник Рамазан Бајрам, пишува Anadolu Agency (AA).
Познатата баклава од турскиот град Газиантеп, кој е вбројан во Мрежата на креативни градови на УНЕСКО, и овој Бајрам ќе се најде на трпезите во целиот свет. Како и во другите градови, баклавата и во Газиантеп е неизоставен дел од бајрамската трпеза.
За да се направи доволно баклава и да се одговори на нарачките од речиси целата земја, мајсторите за баклава овие денови работат и ноќе. За подготовка на баклавата користат рафинирано масло, пченкарно брашно и ф’стаци. Во зависност од квалитетот на баклавата, цените во Газиантеп се движат помеѓу 40 и 70 турски лири по килограм (10 до 17 евра).
Омер Ѓулуоглу, сопственик на компанијата „Ѓулуоглу баклава“ од Газиантеп, чија дејност е производство на баклава, за АА истакна дека овие денови има многу работа со оглед на тоа што секој во градот сака да има баклава на празничната трпеза.
„Бајрамската трпеза е комплетна само тогаш кога е тука баклавата. Во текот на празникот граѓаните купуваат баклава и за своите најблиски. Поради тоа, побарувачкатае голема. Имаме нарачки од сите делови на Турција“, вели Ѓулуоглу.
Екипата на АА го посети и соседниот град Шанлиурфа, во југоисточна Турција, кој исто така е познат по својата извонредна баклава. Инаку, во Турција има и своевидна конкуренција помеѓу овие два града, кога станува збор за баклавата.
Мехмет Устнелер од Шанлиурфа 40 години прави баклава. За квалитетниот бајрамски десерт тврди дека е неопходно да се имаат квалитетни состојки за производство на баклавата, но исто така, потребен е и добар мајстор.
Во Турција годишно се произведува околу 1.000 тони баклава, а просечната годишна потрошувачка на баклава во оваа земја изнесува 4,4 килограми по жител.
Инаку, баклавата е колач од ориентално потекло, кој се прави со редење кори од тенко сукано тесто, во неколку, обично десетина и повеќе слоеви, помеѓу коишто се додава смеса од мелени ореви и наизменично трошки тирит (смеса од брашно, путер и жолчка). Се сече на парчиња во форма на ромб. По подолго печење на ниска температура, баклавата се залева со шербет.
Баклавата е традиционален десерт и на Балканот, како и на Ориентот.
Турскиот институт за страндардизација (TSE) донесе стандард и за еден од најпознатите турски десерти, турската баклава, а стандардната турска баклава мора да има специфична боја (златно-жолта), преливот (шербетот) не треба да биде премногу густ и мора да има минимална дебелина од 35 милиметри.