Fatih Erel
16 Март 2016•Ажурирај: 17 Март 2016
ЖЕНЕВА (AA) - Сирискиот амбасадор на Обединетите нации, Башар Џафари изјави дека за сириската влада во Дамаск е неприфатлив планот за Федерализација на Сирија кој го предложи групата ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на продолжувањето на мировните преговори во Женева, специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, денес се состана со делегацијата на сириската влада која ја предводи амбасадорот Џафари.
Во текот на краткото обраќање на новинарите по состанокот, Џафари го оцени како неприфатлив планот на групата ПЈД, чии претставници претходно се исклучени од процесот на мировни преговори, на подрачјето које го контролира на северот на Сирија да прогласи федерална единица.
„Преговорите кои ги водиме во Женева имаат за цел да спречат такви сценарија. Ние овде зборуваме како да го сочуваме суверенитетот, целовитоста и независноста на Сирија. Секој потег кој би водел кон поделби би ја водел Сирија во пропаст", рече сирискиот амбасадор во ОН, Башар Џафари.
Коментирајќи го повлекувањето на еден дел од воените сили на Русија од Сирија, Џафари рече дека тоа не е никакво изненадување за Сирија бидејќи одлуката е донесена заеднички од страна на претседателите на двете земји, Владимир Путин и Башар ал-Асад.
На прашањето на новинарите дали наскоро ќе дојде до директна средба и преговори помеѓу преговарачките делегации на владата и опозицијата, Џафари рече дека сириската влада сè уште не е подготвена на таков потег и додаде дека, секако, никогаш нема да преговара со лидерот на опозициската група Xаиш Ал Ислам, Мухамед Аљуш, кој сирискиот режим го третира како терорист, а кој е шеф на преговарачкиот тим на опозицијата.