Hakan Çopur
18 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ставија вето во Советот за безбедност на ОН на нацрт-резолуцијата за Кудс, која на иницијатива на Турција ја предложи Египет, јавува Anadolu Agency (AA).
САД ставиja вето на нацрт-резолуцијата со којашто се бараше одлуката на САД за признавање на Кудс како главен град на Израел да нема правен ефект.
Во текот на седницата, 14 од вкупно 15-те членки на Советот за безбедност ја поддржаа споменатата нацрт-резолуција, додека САД ставија вето.
Нацрт-резолуцијата ја поддржа Велика Британија, Франција, Кина, Русија, Уругвај, Боливија, Етиопија, Италија, Јапонија, Казахстан, Сенегал, Шведска, Украина и Египет.
Ники Хејли, амбасадорката на САД во Обединетите нации, изјави дека САД за време на гласањето за Кудс, како што рече, без двоумење го искористиле правото на вето, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп го поддржува сегашниот статус на градот.
Да потсетиме, во Њујорк денес се одржа седница на Советот за безбедност на ОН, на која се гласаше за статусот на Кудс.
На седницата се гласаше за резолуција предложена од страна на Египет, а со која се бараше одлуките за статусот на Кудс да немаат правен ефект и да бидат отфрлени.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на 6 декември донесе одлука со која го призна Кудс како главен град на Израел, и со која го најави преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Кудс. По оваа одлука, следеа негодувања и протести во многу држави.