Ayhan Şimşek
18 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
БЕРЛИН (АА) - Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, ја повика владата на Ирак и Курдската регионална управа во северниот дел на земјата да продолжат со дијалогот и на тој начин да ја решат актуелната политичка криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Германија се состана во Берлин со премиерот на Курдската регионална влада, Наџирван Барзани, а на заедничката прес-конференција истакна дека идната финансиска помош на Германија за Ирак директно зависи од решавањето на внатрешните конфликти помеѓу Багдад и Ербил.
„Сакаме да продолжиме со помошта, но Ирак треба мирно и демократски да ја надмине внатрешната криза“, рече Габриел.
Германија е еден од најголемите странски донатори во Ирак и досега има обезбедено најмалку една милијарда евра хуманитарни и развојни средства.
Габриел и денес упати критика до Курдската регионална управа во северен Ирак поради одржувањето на нелегитимниот референдум за независност во септември оваа година.
„Ние и тогаш предупредивме дека ова ќе донесе многу проблеми. За жал, бевме во право“, рече Габриел, додавајќи дека Германија се залага за зачувување на суверенитетот и територијалната целовитост на Ирак.
Шефот на регионалната влада од северниот дел на Ирак, Неџирван Барзани, ѝ се заблагодари на Германија за помошта што им ја даде на пешмергите во борбата против терористите на ДЕАШ.
Барзани изјави дека Курдската регионална управа ги почитува Уставот и Врховниот суд на Ирак и изрази подготвеност за дијалог со официјален Багдад.
„На двете страни мора да постои желба за дијалог, се надеваме дека нашите германски пријатели ќе имаат важна улога и ќе нè доведат на преговарачка маса“, рече Барзани.