Ekipa
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас денес оствари средба со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, во седиштето на палестинските власти во градот Рамала на Западниот Брег, јавува Anadolu Agency (AA).
Според палестинската новинска агенција Вафа, Абас го информирал Џонсон во врска со последните случувања во палестинските територии.
Палестинскиот претседател исто така потсетил на незаконитоста на израелските доселенички населби во окупираниот Западен Брег.
„Израел мора да престане со своите напади, апсења и убиства против палестинскиот народ, ако сака да му даде шанса на политичкиот процес“, истакнува Абас.
Џонсон, од своја страна, ја потврдил поддршката на неговата земја за дводржавното решение на долгогодишниот конфликт помеѓу Израел и Палестина, потенцирајќи ја незаконитоста на израелските населби на окупираната арапска територија.
Претходно во текот на денот, Џонсон се сретна со палестинскиот колега, Ријад ал-Малики, на кој му пренесе дека Палестинците и Израелците треба да седнат на заедничка маса за да се изнајде решение за конфликтот.
„Велика Британија нема да наметнува ништо, но ќе ја даде својата поддршка доколку се реши да се седне на заедничка маса“, истакна министерот за надворешни работи на Велика Британија на заедничката прес-конференција.
„Израелскиот народ треба да се чувствува дека можат да живеат безбедно, без страв од тероризам и насилство“, нагласи тој.
„Но“, продолжи тој, „важно е да се напомене дека пречките како што е забрзувањето на темпото на изградба на населби, забрзувањето на темпото на разурнување на домовите, се исто така пречки на патот кон дводржавното решение“.
Тој додаде дека потребно е да се работи на отстранување на тие пречки.
Џонсон во регионот пристигна вчера, во официјална посета на Израел и на Палестина.
Вечерва е планирана средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кој треба да разговара за прашања поврзани со Палестина како и за други регионални теми.