Qays Abu Samra,Gülşen Topçu
15 Мај 2016•Ажурирај: 15 Мај 2016
РАМАЛА (АА) - Министерот за надворешни работи на Палестина, Ријад ал Малики, изјави дека Франција е одлучна да одржи меѓународна конференција за решавање на блискоисточната криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Малики по состанокот со претседателот на Палестина, Махмуд Абас и министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Марк Ајро, одржа прес-конференција.
„Денес од Ајро добивме информации за темите за кои се зборувало со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Ајро истакна дека Франција продолжува со подготовките за состанокот на ниво на министри”, изјави Малики и додаде дека е можно состанокот да биде пролонгиран за ден или два поради технички причини, но дека Франција е одлучна да продолжи со подготовките за Конференцијата.
Малики нагласи дека на францускиот министер му е кажано дека Палестина е подготвена за соработка на сите полиња и се надеваат дека вложените напори ќе резултираат со успех.
Ајро минатиот вторник изјави дека Франција ќе организира меѓународна конференција на ниво на министри со цел решавање на израелско-палестинската криза. Палестина ја прифати оваа иницијатива со задоволство, додека Израел се противеше.
„Знаете дека Израел од почетокот е против оваа идеја. Нетанјаху денес го повтори овој став и ја истакна важноста на билатералните односи. Меѓутоа, Ајро и нам и нему ни рече дека Франција е одлучна да продожи со подготовките”, истакна Малики.