Ivana Ramadanova
22 Мај 2017•Ажурирај: 23 Мај 2017
СКОПЈЕ (AА) – Специјалното јавно обвинителство денес објави три нови финансиски истраги под имињата „Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“, јавува Anadoly Agency (AA).
Според јавната обвинителка Фатиме Фетаи, истрагата „Тревник“ опфаќа основано сомнение за кривично-правни дејствија на три лица, за изградба на три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градба.
Според прибавените докази, укажа Фетаи, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле завршени.
Истрагата „Траекторија“, пак, е отворена против четири службени лица, поранешни високи владини функционери, осомничени за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања од член 353, став 5, во врска став 1 од Кривичниот законик“.
Според Фетаи, постои основано сомнение дека четворицата поранешни владини функционери во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и го пречекориле своите овластувања. Со ова, според Фетаи, на Буџетот на Република Македонија е нанесена штета во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.
„Талир“ е третиот предмет, во кој, како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, станува збор за незаконско финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, а се осомничени вкупно 14 лица. Фетаи појасни дека првоосомничен за злоупотреба на службена положба и овластување е претседател на партијата кој од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби.
Фетаи истакна дека вкупно 11 лица се сомничат дека сториле кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело од Кривичниот законик, од кои деветмина се осомничени како директни извршители, а двајца како помагачи.
СЈО во моменов не бара притвор за осомничените, туку ќе достави 12 барања за замрзнување имот кој е незаконски стекнат.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денес, на почетокот на прес-конференција побара од новото парламентарно мнозинство да се укине членот 22 од Законот за Специјалното јавно обвинителство, со што би се продолжила работата на ова обвинителство.
Таа рече дека 55 проценти од прислушуваните разговори што ги поседуваат сега не се разгледуваат и оти работат на случаи отворени врз основа на веќе обработените 45 проценти од податоците.
Специјалното јавно обвинителство досега отвори истраги за случаите „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“ „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Труст“, „Тифани“ „Тенк“, „Триста“, „Табла“ и „Тотал“.