Admir Fazlagic
20 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов престојува во Јордан кадешто се состана со Кралот на оваа држава Абдула II, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов, тој по средата со кралот Абдула II истакнал дека Јордан е земја која е позитивен пример, која придонесува за стабилноста на Блискиот Исток и од интерес на Македонија е да биде присутна на безбедносно-разузнавачки, но и на економски план.
„Јордан е земја која е конструктивна и голем придонесувач за мирот во регионот. Јордан е домаќин на Светскиот економски форум многу години и улогата на Кралот е потенцирана од многумина, бидејќи Јордан успева во овој период на големи турбуленции во многу региони во светот, а особено на Блискиот Исток, да покаже како треба да се справуваме со предизвиците, изјавил претседателот Иванов.
Тој посочил дека ова е негова втора средба со кралот на Јордан, откако на минатогошната нивна средба во рамки на Генералното собрание на Обединетите Нации, двајцата државници се согласиле за интензивирање на соработката меѓу двете земји во повеќе сфери, особено во разузнавањето и размена на информации за сите оние закани што од Блискиот Исток доаѓаат во Европа и особено на Балканот.
„Средбата беше многу конструктивна и укажавме на постигнатиот напредок во сферата на размена на информации и соработка на планот на разузнавањето. Јордан има преку еден милион бегалци официјално, а неофицијално многу повеќе и ја има улогата на посредник, земја, која се обидува да укаже на сета онаа состојба што со години е присутна на Блискиот исток и во Северна Африка", истакнал претседателот Иванов по средбата со Кралот Абдула II.
Претседателот Иванов најавил потпишување на повеќе договори со Јордан, со што значајно би се унапредила нормативно-правната рамка и економската соработка меѓу двете земји.
„Јордан е земја каде што многу земји од Блискиот Исток обезбедуваат храна, вода и лекови, и се што е неопходно. Ние имаме 17 години воспоставено дипломатските односи и наследство кое е голем капитал и кое треба да се искористи. Преку 1000 луѓе во Јордан на високи позиции од естаблишментот завршиле факултет во Скопје во времето на поранешна Југославија, рече македонскиот претседател.
Меѓу другото, Иванов додаде дека македонската заедница бара интензивирање на соработката со матичната земја, а многу од овие некогашни земји сакаат побрзо да се воспостави правна рамка за да можат економските односи да почнат да соодвествуваат на она што овие земји го имале некогаш, кога биле во Југославија. Иванов посочил дека постојат многу потенцијали за развивање на соработка преку Јордан и со земјите од Блискиот исток.
Кралот на Јордан е домаќин на Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка, што се одржува во Аман, а претседателот Иванов учествува на негова лична покана.