Furkan Naci Top
17 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
АТИНА (АА) - Повикувајќи се на полициски извори, грчкиот весник „To Vima“ (То Вима) пишува дека неодамна е уапсена група од девет припадници на терористичката организација ДХКП-Џ која планирала напад врз турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Истиот извор јавува дека грчката полиција ЕЛАС во текот на акцијата на апсење кај осомничените пронашла белешки и нацрт-план за атентат на турскиот претседател Ердоган во кој е планирано користење на ракетен фрлач, бомби и молотови коктели.
Во планот, Ердоган се споменува со кодното име „Акреп“ (шкорпија). Терористите планирале да изведат ракетен напад врз конвојот на Ердоган, а потоа групата терористи требало да го продолжат нападот со рачни бомби.
Со следење на информациите од запленетите документи, грчката полиција е во потрага по скриениот ракетен фрлач и бомбите, за кои се претпоставува дека се закопани на падините на планината Парнита, источно од Атина.
Грчката полиција кон крајот на ноември уапси група од девет осомничени припадници на терористичката организација ДХКП-Џ и притоа изведе рации на три локации во Атина. Уапсени се турски државјани и предадени се на грчките власти за понатамошно процесуирање.
Меѓу уапсените е и Хасан Бибер, кој во 2013 година беше еден од извршителите на терористичките напади врз седиштето на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti) и на зградата на турското Министерство за правда.