Ercan Canbolat
18 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека ветото на САД за резолуцијата во врска со статусот на Кудс уште еднаш покажа дека Вашингтон ја изгубил објективноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Турција изрази жалење што САД ставија вето на нацрт-резолуцијата за статусот на Кудс.
„Со ова вето САД уште еднаш покажаа дека ја загубиле објективноста. Со резолуцијата, која е подготвена во согласност со меѓународното право и потребниот легитимитет, повикани се сите земји да ги почитуваат другите резолуции на Советот за безбедност при ОН во врска со Кудс. Осаменоста на САД за време на гласањето е најјасниот показател дека одлуката за Кудс е незаконска. Неприфатливо е Советот за безбедност на ОН да биде нефункционален во врска со ова прашање, коешто ќе се одрази на регионалниот мир и стабилност“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
На крајот се додава дека Турција ќе продолжи да ја поддржува Палестина и нејзиниот народ, првенствено преку Генералното собрание на ОН и преку другите меѓународни организации.
Да потсетиме, Соединетите Американски Држави (САД) ставија вето во Советот за безбедност на ОН за нацрт-резолуцијата за Кудс, предложена од Египет по иницијатива на Турција, а со која се бараше одлуките за статусот на Кудс да немаат правен ефект и да бидат отфрлени.
За време на седницата,14 од 15-те членки на Советот за безбедност ја поддржаа споменатата нацрт-резолуција, додека САД ставија вето. Нацрт-резолуцијата ја поддржаа Велика Британија, Франција, Кина, Русија, Уругвај, Боливија, Етиопија, Италија, Јапонија, Казахстан, Сенегал, Шведска, Украина и Египет.
Американскиот претседател Доналд Трамп, на 6 декември донесе одлука со која Ерусалим (Кудс) го признава како главен град на Израел и со која најави преместување на американската амбасада од Тел Авив во Кудс. По оваа одлука следуваа негодувања и протести во бројни држави.