Merve Aydoğan
11 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес ги повика меѓународните сојузници да дејствуваат заедно во сириски Идлиб, во напорите да ги спречат цивилните жртви, јавува Anadolu Agency (AA).
„Она што го предлагаме е многу јасно. Нека запре оваа граѓанска војна во Идлиб. Доколку грижата е присуството на терористичките групи, да работиме заедно да ги елиминираме“, изјави Чавушоглу за време на заедничката прес-конференција со романскиот и полскиот колега во главниот романски град Букурешт.
Нагласувајќи ја потребата за спречување на цивилни жртви, тој потоа ги повика Русија, Иран, САД, Франција и Велика Британија, како и сите други партнери и актери во Сирија, да работат заедно и да пронајдат мирно решение.
„Ги повикувам сите да го подигнат својот глас, да застанат против агресијата на режимот во Сирија и да пронајдат мирно решение“, додаде турскиот министер за надворешни работи.
Исто така, Чавушоглу, опишувајќи го трилатералниот состанок како успешен, рече: „Имав голема корист од нашата размена денес, и благодарен сум многу на нашите пријатели“.
„Како сојузници и стратешки партнери, ќе го продолжиме нашиот близок дијалог и соработка на овие прашања во трилатерален формат, исто така и во други платформи“, додаде Чавушоглу.
Тој понатаму повика на потполна солидарност и поддршка од сите сојузници против терористичките групи како ДЕАШ, ПКК, ПЈД/ЈПГ и ФЕТО, без исклучоци.
Чавушоглу денес ја посети Романија, со цел да учествува на четвртиот состанок за политичко-воените консултации меѓу министрите за надворешни работи на Турција, Романија и Полска.
За време на консултациите, тројцата министри ги оценија резултатите од Самитот на НАТО во Брисел и разменија мислења за моменталните безбедносни предизвици во Евро-атлантскиот регион.