Ekipa
30 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Работните групи на Турција и на Соединетите Американски Држави (САД) постигнаа начелна согласност за техничкиот план за решавање на проблемите во подрачјето на сириски Мунбич, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегации од двете земји од петокот преговараат во Анкара, а неименувани извори за АА јавуваат дека начелниот план треба да биде реализиран во три фази, почнувајќи од 4 јуни.
Според планот, во рок од еден месец, од регионот на западниот брег на реката Еуфрат кон исток треба да се повлечат терористите на ЈПГ/ПКК.
Планот официјално ќе биде објавен на 4 јуни за кога е најавен состанокот на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, и неговиот американски колега, Мајк Помпео.
Истите извори велат дека финалната верзија на планот би можела да претрпи одредени измени на состанокот на министри во Вашингтон, но рамковниот договор е веќе усогласен.
Според планот, од денот на потпишување на договорот, терористите мора да го напуштат Мунбич во рок од 30 дена.
Паралелно со тоа, неименувани извори од разузнавачките кругови за АА истакнаа дека водачите на терористите на ЈПГ/ПКК веќе го напуштаат Мунбич и заминуваат кон источниот брег на реката Еуфрат.
Во втората етапа, турските и американските сили ќе воспостават контрола во Мунбич. Овој дел од планот треба да се реализира 15 дена по првата етапа.
Два месеца по 4 јуни треба да се спроведе третата фаза од планот, која предвидува локалните елементи да формираат управа во регионот. Управата ќе се формира според етничката застапеност во Мунбич.
Мунбич, од август 2016 година, е под окупација на ЈПГ/ПКК, терористичка организација која во северниот дел на Сирија дејствува под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (СДС). Турција предупредува дека станува збор за сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, но САД сметаат дека Сириските демократски сили се доверлив партнер во борбата против терористите на ДЕАШ. Во составот на Сириските демократски сили се вклучени и неколку мали вооружени групи на локални Арапи, па Вашингтон тврди дека не им помага на терористите, туку на арапските борци во Сирија.
Во Мунбич се ангажирани околу 2.000 американски војници, а Турција и САД како НАТО-сојузници сакаат да избегнат директни судири во тоа подрачје.
Претходно годинава, турските сили ја започнаа антитерористичката операција „Маслинова гранка“ и од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ ослободија поширока област во северозападното сириско подрачје на Африн. Турција најави дека ќе продолжи со операцијата кон исток, доколку терористите на ЈПГ/ПКК не го напуштат Мунбич.