Ömer Süt
03 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ИЗМИР (АА) - ОМЕР СУТ – Во Турција се во тек низа судски процеси за обвинетите, како и истражни постапки против осомничените за обидот за воен удар, а на судењето во Измир денес обвинет поранешен полицаец ги откри деталите за својот престој и начинот на живот во дворецот на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, во Пенсилванија, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористичката организација ФЕТО, со посредство на инфилтрирани поданици во редовите на Турската војска, полицијата и во други институции, на 15 јули 2016 година изврши обид за воен удар во Турција, а Обвинителството во Измир води истрага, во чии рамки, во својство на сведок покајник, своја изјава денес даде осомничениот поранешен полицаец Н.Ј.
Сведокот покајник призна дека неговата поврзаност со терористичката организација ФЕТО траела до 2012 година, а дека во организацијата го внел колега полицаец, во период кога како помлад минувал низ кризен период предизвикан од ноќниот живот исполнет со коцкање и алкохол.
Истакнувајќи дека за посветената работа во 2011 година бил награден од ФЕТО и пратен во дворецот на Фетула Ѓулен во Пенсилванија, покајникот Н. Ј. изјави дека таму поминал 14 дена.
Понатаму, тој додаде дека бил изненаден што Фетула Ѓулен ги предводел дневните молитви во дворецот, и дека присуствувал на неговите предавања во тој период, во комплексот на периферијата на Пенсилванија.
„Присутните на тие собири се грабаа и ги сокриваа марамчињата со кои Ѓулен се бришеше за време на говорот. Собираа остатоци од водата од неговото шише и ја собираа во шишенца. Подоцна таа вода ја пиеја и за неа велеа дека е земзем вода. Во тој период во дворецот го видов поранешниот фудбалер на Галатасарај, Ариф Ердем, главниот уредник на затворената телевизија „Саманјолу“ (Samanyolu), Хидает Караџа, и колумнистот на затворениот весник „Заман“ (Zaman), Али Унал. Токму Ариф Ердем најчесто ги пиеше остатоците од вода од чашата на Ѓулен“, изјави сведокот покајник.
Тој, понатаму, во својата изјава вели дека Ѓулен дневно пет или шестпати ја пресоблекувал долната облека и кошулите, и дека соблечената облека ја подарувал на присутните во дворецот.
„Дури и мене ми е подарена една негова кошула. На луѓето им подаруваа и сеџадиња на кои Ѓулен ги извршувал молитивите. Ќе наредеа по 20 на местото на кое Ѓулен клањал и тогаш ќе ги купеа и ќе ги делеа како посебни подароци“, изјави Н.Ј.
Нагласувајќи дека по двонеделниот престој и од она што го видел во дворецот во Пенсилванија започнал сам на себе да си поставува многу прашања, потврди дека по враќањето во Турција се обидел да ги прекине врските со организацијата ФЕТО. Додаде дека не му се допаднало тоа што видел дека роднините на Ѓулен и раководителите на организацијата живеат во голем луксуз.
Н.Ј. пред Обвинителството кажал дека по доаѓањето во Турција ја сменил телефонската картичка и бројот за да ги прекине контактите со припадниците на ФЕТО, а кошулата која ја добил на подарок од Ѓулен ја искинал и фрлил.