Murat Eğilmez
05 Јуни 2018•Ажурирај: 05 Јуни 2018
АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со турско-американската мапа на патот во врска со сирискиот град Мунбич порача дека е значајно овој модел целосно да се имплементира, како за иднината на Сирија, така и за поправање на нарушените односи помеѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу вчера во САД се состана со својот американски колега Мајк Помпео, а за време на средбата беше потврдена мапата на патот која вклучува и воспоставување безбедност и стабилност во Мунбич.
Турскиот министер Чавушоглу денес говореше на прес-конференција во Анталија, на која детално се осврна на состанокот со Помпео, односно на усвоената мапа на патот, поврзана со сирискиот град Мунбич.
Тој истакна дека дел од Договорот со САД се состои и во тоа моделот за Мунбич да се пренесе и на другите региони, вклучувајќи ги и регионите кои се под окупација на терористите на ЈПГ.
„Терористите на ЈПГ ќе бидат разоружани. Чекорите што ќе ги направиме се многу значајни за иднината на Сирија, но истовремено се и можност да ги вратиме во колосек нашите нарушени односи со САД. Поради тоа е важно оваа мапа на патот целосно да се имплементира. Одлучност за тоа постои и кај двете страни“, рече Чавушоглу, додавајќи дека на ЈПГ ќе ѝ биде одземено оружјето при повлекувањето од регионот.
Тој нагласи дека во овој процес нема да игра улога трета земја, а тоа ги вклучува и Франција, Велика Британија и Белгија, и притоа истакна дека тој процес ќе трае од три до шест месеци.
Подвлече дека ЈПГ/ПКК е терористичка организација и додаде:
„ЈПГ/ПКК е терористичка организација. Ниту еден град нема да го препуштиме на терористите. Во подрачјата кои се претежно населени со Арапи, ќе управуваат и ќе пружаат обезбедување Арапите. Од друга страна, во регионите каде што се мнозинство Курди, ќе бидат Курди кои се надвор од ЈПГ/ПКК. Во првата етапа ЈПГ/ПКК ќе се одвојат и ќе им биде запленето оружјето. Ќе преминат на источната страна на реката Еуфрат. Таму ќе има соработка помеѓу четири страни: Турција, САД, Багдад и Ербил. ПКК е непријател на Ербил“, порача Чавушоглу.
Во текот на состанокот со Помпео станало збор и за истрагата против ФЕТО во САД, за што Чавушоглу рече: „Истакнавме дека сме задоволни поради истрагата, и дека можеме да соработуваме на тој план“.