Ekipa
04 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушолгу, денес повика на балансирано политичко решение во Сирија, велејќи дека формирањето на Уставен комитет е последната можност за постигнување мир, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на вториот ден од „TRT World Forum“ во Истанбул, на кој Anadolu Agency е глобален комуникациски партнер, Чавушоглу изјави дека по Форумот постои можност да се состане со специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура.
„Тој се обидува да се формира Уставен комитет за Сирија. Постојат три листи, на опозицијата, режимот и граѓанското општество, кои мора да бидат балансирани. Знам одредени земји кои се обидуваат да го променат ова во корист на режимот во Сирија“, изјави Чавушоглу.
Тој нагласи дека Уставниот комитет е последна можност за политичко решение во Сирија.
Своите изјави Чавушоглу ги даде за време на сесијата насловена „Трансформирање на иднината преку регионална соработка“.
Чавушоглу изјави дека Турција игра активна улога во спречувањето и мирното решавање на конфликтите. „Сирија е еден директен пример“, рече тој.
Во врска со Договорот на Турција и Русија за Идлиб, Чавушоглу изјави: „Меморандумот кој го потпишавме со Русија, не само што ја спречи хуманитарната катастрофа туку спречи уште и еден голем бран на мигранти на турските граници, како и кон Европа.“
По состанокот одржан во Сочи минатиот месец меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин, двете земји се согласија за создавање демитализирана зона во Идлиб, последното засолниште на опозицијата во Сирија.
Анкара и Москва, исто така потпишаа и Меморандум за разбирање, повикувајќи на стабилизирање на ситуацијата во демилитализираната зона во Идлиб.
- Нови можности во односите со ЕУ -
Турскиот министер за надворешни работи изјави дека постојат нови можности за зајакнување на односите меѓу Турција и ЕУ.
„Имаме повеќе, подобри и нови можности за зајакнување на нашите односи со ЕУ и земјите членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Холандија. Многу сум среќен што ги нормализираме нашите односи (со Холандија) и се стремиме кон заедничка работа во многу области, особено против тероризмот“, нагласи Чавушоглу.
Тој, исто така рече дека постои потреба за подобро разузнавање и споделување информации со цел спречување на странските терористички акции.
За време на неговиот говор, Чавушоглу, исто така остро ги критикуваше ксенофобијата, расизмот и антисемитизмот.
„Сите тие се во пораст. За ефективен мултилатеризам потребна ни е подобра соработка“, рече тој.
„Потребно е да се фокусираме на темелните причини за конфликтите. Од особено значење е да се обезбеди хуманитарната помош и решавањето на проблемите на луѓето во местата во кои живеат. Турција е многу успешна во овој поглед“, рече Чавушоглу, и додаде:
„Турција не може да седи настрана и да гледа. Турската надворешна политика има претприемнички и хуманитарен пристап. Ние се стремиме кон преземањето активни улоги во промовирањето на мирни решенија за конфликтите.“
Осврнувајќи се на изјавите на турскиот претседател, кој истакна дека е потребна сеопфатна реформа во ОН, Чавушоглу рече дека реформата е потребна во неговата структура, методите и правилникот на работа, бидејќи ОН не ги исполнуваат очекувањата на денешниот свет.
„Невозможно е да биде одржан мир и просперитет во одредени делови од светот, додека остатокот од светот страда. Мора да ги прифатиме поволностите за сите страни со што ќе дојде до зајакнување на меѓународните институции“, изјави тој.
Зборувајќи на истиот настан, холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, изјави дека односите меѓу Турција и Холандија датираат од пред повеќе од 400 години.
„Како и во секои односи, сите ние имаме подеми и падови, но ова се односи кои го издржаа тестот на времето“, изјави Блок.