ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес повика на сериозни реформи на Советот за безбедност при Обединетите нации (ОН), за кој рече дека треба да има претставници од земјите на сите континенти на светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на завршната сесија на „TRT World Forum“ во Истанбул, чиј глобален комуникациски партнер е АА, Ердоган истакна: „Треба да постигнеме во Советот за безбедност на Обединетите нации да има учесници од сите седум континенти“.
Турскиот претседател долго време се залагаше за реформирање на структурата на Советот за безбедност, користејќи го мотото: „Светот е поголем од пет“.
„Ерата на пет постојани членки (во СБОН) е завршена“, рече тој, нагласувајќи дека сегашниот состав произлегува од околностите од Втората светска војна.
Но, додаде тој: „Ние не живееме под исти околности. Време е да се направи нова транзиција и нова промена (во ОН)“.
„На ОН им се потребни сериозни реформи“, додаде тој.
Турскиот претседател рече дека ОН допрва треба да одговорат на барањата за правда, наведувајќи го како пример недостатокот на дејствување на ОН околу палестинското прашање.
„Дали палестинското прашање е решливо?“ праша реторички.
„Зошто да не? Бидејќи постојат многу одлуки против Израел во ООН, меѓутоа ниту една од нив не може да се спроведе“.
На резолуциите на ОН, кои ги осудуваат неправедните дејствија на Израел, честопати им се става вето во Советот за безбедност.
- Кандидатурата на Турција за влез во ЕУ -
Турскиот претседател Ердоган ја осуди суровоста на ЕУ што не ѝ понуди на Турција членство од 1963 година, додавајќи дека во Турција би можело да се одржи референдум за нејзината децениска кандидатура за влез во ЕУ.
„Има многу работи што ние можеме да ги придонесеме во Европската Унија“, рече Ердоган.
„Тие имаат многу нешта што можат да придонесат за нас, но она што треба да се направи е, претпоставувам, да се консултираат 81 милион (жители во Турција) и да видиме што ќе одлучат тие“.
По започнувањето на пристапните преговори на Турција во 2005 година, тие беа стопирани во 2007 година поради негодувањето на администрацијата на кипарските Грци на поделениот остров Кипар, како и на опозицијата во Германија и Франција.
Во последниве години, преку референдуми им беше пружена можност на турските гласачи да се искажат за големи прашања како што се директните избори на претседател и менувањето на системот на управување во Турција.
За членство во ЕУ, Турција мора успешно да ги заврши преговорите за 35 поглавја кои вклучуваат реформи и усвојување на европските стандарди. Од мај 2016 година отворени се вкупно 16 поглавја, а едно е затворено.
Сепак, во декември 2016 година, земјите-членки рекоа дека нема да бидат отворени нови поглавја.
Запрашан дали проектот ЕУ е близу до својот крај, Ердоган рече: „И јас ги гледам тие знаци“.
Во својот говор, претседателот Ердоган, исто така, ги обвини САД за испраќање на 19.000 камиони со оружје и муниција на терористички групи во Сирија.
Турција континуирано се спротивставува на поддршката што ја даваат САД на терористичката ПКК/ПЈД во Сирија, која вклучува снабдување со оружје и опрема.
- Сирија -
Во врска со присуството на турските војници во Сирија, Ердоган рече: „Народот на Сирија нè покани таму, рекоа „Дојдете да нè спасите““.
Тој истакна дека тоа е случај со сириските градови Идлиб и Африн, и додаде дека Турција ќе продолжи да ги поддржува угнетуваните во Сирија.
Турскиот претседател рече дека Турција ќе ја напушти Сирија само кога сирискиот народ ќе одржи избори во мир.
На 20-ти јануари Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ за отстранување на ЈПГ/ПКК и терористите на ДЕАШ од Африн, во близина на турската граница. На 18 март, турските сили и Слободната сириска војска го ослободија центарот на Африн.
По состанокот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин во рускиот град Сочи минатиот месец, двете земји се согласија да се формира демилитаризирана зона во Идлиб, последното упориште на опозицијата во Сирија.
Анкара и Москва, исто така, потпишаа меморандум за разбирање со кој се повикува на стабилизирање на ситуацијата во зоната без судири во Идлиб.