Büşra Akın Dinçer
13 Март 2016•Ажурирај: 13 Март 2016
ЛОНДОН (АА) - Заменикот-премиер на Турција, Мехмет Шимшек, рече дека Анкара има најобемна агенда на структурни реформи од сите земји од групата Г-20 и дека во следните неколку месеци ќе биде спроведен значителен број од овие реформски задачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во градот Вет во југозападниот дел на Велика Британија, се одржува турско-британски Форум "Tatlidil", а Шимшек во своето обраќање доцна синоќа истакна дека односите меѓу двете земји се подобри од кога било досега и посебно укажа на поддршката на Велика Британија за кандидатурата на Турција за влез во Европската унија.
„Нашата решеност за пристап во ЕУ не е резултат на опсесија да станеме членка на клубот, туку станува збор за реформи, бидејќи влезот во Унијата подразбира темелна реформи и трансформации во економска, социјална и политичка смисла”, рече турскиот вицепремиер Шимшек.
Шимшек тврди дека реформската агенда на Турција е најобемна меѓу земјите на Г-20 и најави дека во наредните месеци ќе бидат направени големи чекори кога станува збор за реализација на овие цели.
Осврнувајќи се на актуелната ситуација во Турција, Шимшек рече дека Турција во последните три години се соочи со големи предизвици, вклучувајќи ги и четвртите избори во последните 24 месеци.
„До денес, во Турција се прифатени 3,2 милиони бегалци, главно од Сирија. Во нашата земја сега живеат 800.000 сириски деца на училишна возраст”, рече Шимшек.
И британскиот министер за ЕУ, Дејвид Лидингтон, изјави дека билатералните односи помеѓу Велика Британија и Турција се поинтензивни и посеопфатени од порано. Тој додаде дека Велика Британија и понатаму е најголемата поддршка на Турција на патот кон членство во ЕУ, особено во областа на безбедносната соработка.
„Јас сум убеден дека од витално значење е одржувањето и понатамошното интензивирање на соработката во борбата против заедничките закани и предизвици. Руските провокации се пример на таквите заеднички закани. Мораме со заедничка борба да се справиме со деструктивните сили кои му се закануваат на светскиот поредок, како што е денес Русија”, рече Лидингтон.
Форумот "Tatlidil" се одржува од 2011 година, а целта на состанокот на турските и британските лидери од областа на политиката, медиумите, бизнисот и академската заедница е зајакнување на врските и интензивирање на билатералната соработка.