Can Erözden
04 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим денес за време на својот говор на настанот организиран од турското Министерство за животна средина и урбанизација во Анкара ја истакна важноста на турските претседателски и парламентарни избори закажани за 24 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој нагласи дека се потребни силен Парламент и лидерство повеќе од кога било, со цел да ги уништат злобните планови против Турција во регионот.
„Со цел да ги уништиме злобните планови против Турција, потребни ни се силен Парламент и лидерство повеќе од кога било. Со поддршката на народот, се надевам дека ќе го избереме Реџеп Таип Ердоган како прв претседател на овој нов систем. Ќе продолжиме со силен Парламент како дел од нашите цели за поразвиена Турција и за континуирана стабилност. По 24 јуни, улогата на Парламентот ќе се зголеми повеќе, бидејќи Парламентот ќе донесува закони“, рече Јилдирим.
Тој додаде дека силниот Парламент ќе придонесе за поефективна извршна власт и ќе придонесе Турција полесно да ги оствари своите идни цели.
Турција има поставено конкретни цели кои вклучуваат големи подобрувања во економијата, енергетиката, здравството и транспортот за 2023 година, со што се одбележува стогодишнината на Република Турција.
Турскиот претседател во телевизиско интервју минатиот викенд рече дека доколку има силен Парламент зад претседателот, претседателот ќе има корист од многу побрз процес на донесување одлуки отколку во сегашниот владин систем.
Бројот на пратеници на Партијата за правда и развој (AK Parti) во Парламентот мора да надмине 300, истакна Ердоган во интервјуто.
Турција ќе гласа на претседателските и парламентарни избори на 24 јуни.
Ердоган на функцијата претседател беше избран на изборите во 2014 година и е прв директно избран претседател на Турција. Во случај на победа на јунските избори, ќе стане и прв претседател на Турција со широки овластувања што ќе му ги даде претседателскиот систем на управување со државата.