Övünç Kutlu
27 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - „Твитер“ експериментира со двојно зголемување на бројот на карактери во твитовите – до 280 карактери за одредени јазици, објави вчера компанијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во објава на својот блог, компанијата соопштува дека забележала оти корисниците што говорат одредени јазици се повеќе погодени од ограничувањето на бројот на карактери за разлика од останатите.
На пример, се вели, на јазиците како што се јапонски, корејски и кинески, корисниците можат да пренесат двојно повеќе информации во еден карактер, отколку на други јазици, како што се англискиот или шпанскиот.
„Гледаме дека мал процент твитови испратени на јапонски јазик имаат 140 карактери (само 0,4 проценти). Но, на англиски, многу поголем процент твитови имаат 140 карактери (9 проценти)“, се вели во соопштението.
„Повеќето твитови на јапонски јазик се до 15 карактери, додека повеќето твитови на англиски се со 34 карактери“, се вели во извештајот.
Надградбата со 280 карактери првин ќе биде достапна за мала група луѓе, соопшти компанијата, додавајќи дека ќе собира податоци и повратни информации додека не биде пуштена опцијата во употреба за сите корисници.
Во второто тримесечје од оваа година, просечното месечно користење на „Твитер“ од 328 милиони се зголеми за 5 отсто во однос на истиот период минатата година, но е во застој во споредба со првиот квартал од оваа година.
Нето-загубите на компанијата се зголемија на 116 милиони долари во вториот квартал, од 107 милиони долари во претходната година, додека приходите паднаа за 4,6 отсто, на 574 милиони долари од 602 милиони долари во текот на истиот период минатата година.