Serdar Dincel,Riyaz Khaliq Khaliq
06 Јуни 2024•Ажурирај: 17 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - „Селфи“ од кинеската роботска лунарна сонда на далечната страна на Месечината е снимено со помош на вештачка интелигенција, јавија денес кинеските медиуми, пренесува Анадолу.
По завршувањето на собирањето примероци во понеделникот, роверот на четири тркала, тежок 5 килограми, на мисијата Чанг'e-6 направил неколку фотографии, меѓу кои и на кинеското знаме развиорено на Месечината.
„Роверот се движеше самостојно по површината на Месечината за да го најде 'најдобриот' агол за фотографирање“, објави Саут чајна морнинг пост (South China Morning Post).
Лунарниот лендер Чанг'e-6 успешно слета на далечната страна на Месечината во неделата и полета од нејзината далечна страна во вторникот наутро со примероците што ги собра.
Во споредба со Чанг'e-5, кој собра примероци од блиската страна на Месечината, Чанг'e-6 покажа подобрување во самостојноста и стабилноста на својот систем за навигација, насоки и контрола за справување со предизвиците што ги наметнуваат неизвесностите на далечната страна на Месечината за време на полетувањето и качувањето.
Пекинг денес успешно ги лансира и сателитите ТЕЕ-01Б, Наксинг-3А и Наксинг-3Б на комерцијалната ракета-носач Церес-1 во центарот за лансирање сателити Џиукван во регионот Внатрешна Монголија.
Тоа беше 14. лансирање ракети од серијата Церес, а, генерално, ова е 28. лансирање во вселената оваа година на Кина.