ВАШИНГТОН (АА) – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во врска со испорачувањето на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен порача: „Од администрацијата на Трамп очекуваме брз и позитивен одговор на барањето на Турција за испорачување на Ѓулен“, јавува Anadolu Agency (AA)
Чавушоглу е во посета на Вашингтон, каде што ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, и даде интервју за весникот „Вашингтон пост“.
Во интервјуто тој рече дека од новата администрација на САД очекува да го испорача лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, како и САД да ја прекинат соработката со ЈПГ, продолжената рака на терористичката организација ПКК во Сирија. Тој нагласи оти е сигурен дека односите со САД значително ќе се подобрат со новиот претседател.
„Сигурен сум дека Трамп подобро ја разбира загриженоста на Турција. Потребно е да ја обновиме заемната доверба. Во Турција расте антиамериканизмот. Ја чекаме новата влада“, рече Чавушоглу.
- Воздухопловна база „Инџирлик“
Во врска со средбите за Сирија што ќе се одржат во Астана, Казахстан, Чавушоглу се надева дека тие ќе придонесат за да се зајакне прекинот на огнот, кој режимот на Асад и групите поддржани од Иран го кршат, како и дека во февруари ќе се обезбеди почеток на директни средби меѓу засегнатите страни под надзор на Обединетите Нации (ОН).
Чавушоглу упати критика кон САД бидејќи и покрај тоа што ја користат воздухопловната база „Инџирлик“, во Ел Баб не ѝ даваат воздушна поддршка на Турција во борбата против ДЕАШ. „Ја користат нашата воздухопловна база, а не ни даваат воздушна поддршка“, рече тој.
- „Со Русија соработуваме во борбата против тероризмот“
Во врска со информациите што кружат во јавноста, дека Турција оддалечувајќи се од НАТО се приближува кон Русија, Чавушоглу изјави: „Со Русија не соработуваме против сојузниците на НАТО или против некој друг, туку против тероризмот“.
Чавушоглу нагласи дека тоа што Турција е сојузник со САД не треба да значи дека таа треба да прифати сѐ што ќе каже САД: „Кога и да градиме добри односи со другите држави, веднаш се прашува типичното прашање: ’Дали Турција го менува правецот?’ Во меѓународните односи секогаш може да смени правецот кога тоа е во интерес на државата. Голем број од државите што ја поставуваат Турција на дневен ред, и покрај воведените санкции поради ситуацијата меѓу Русија и Украина, имаа широко распостранети економски односи и други интереси што се во нивна полза. Дали јас ги прашувам тие земји дали го промениле својот правец? Ова е глупост, ова е неприфатливо. Како можам да кажам не кога станува збор за борба против тероризмот?“
- Трамп ќе донесе ’нова енергија’ во борбата против ДЕАШ
Чавушоглу потврди дека сторителите на последните терористички напади во Истанбул и во Анкара дошле од камповите на ЈПГ во Сирија: „САД се претвори во затвореник на ЈПГ. Една терористичка организација ја притиска политиката на една голема држава, како САД. Дали е ова прифатливо? Не“.
Тој пренесе дека по Ел Баб, Турција ќе се насочи кон Рака и доколку се сретне со ПЈД, ќе има судир. Тој ја изрази својата верба дека Трамп ќе донесе нова енергија во борбата против ДЕАШ и оти ќе го реши проблемот со ЈПГ.
- Испораката на Ѓулен
Во врска со испораката на Ѓулен, Чавушоглу рече дека од август досега нема одговор од Министерството за правда на САД.
„Од администрацијата на Трамп очекуваме брз и позитивен одговор на барањето на Турција за испорачување на Ѓулен“, додаде тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
