Admir Fazlagic
25 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на која побара нов импулс и испраќање позитивна порака во насока на деблокада на интеграцијата на Македонија во Европската унија и почеток на пристапните преговори за членство, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов, во фокусот на средбата со Туск била европската иднина на Македонија и се она што го прави земјата за конечно да добие датум за почеток на преговорите, но и состојбата во регионот и во ЕУ, како и прашањето со мигрантската криза што го тресе континентот.
„Туск сакаше да слушне од нас за нашите видувања за состојбите и во Босна и Херцеговина и во Србија. Разговаравме и за мигрантската криза и се она што како искуство го стекнавме од 2015 година, односно какви се новите трендови, што се случува во опкружувањето и слично. Значи, беа отворени темите за европската иднина на Македонија, состојбата во регионот и мигрантската криза, но и за нашата загриженост за состојбите во ЕУ, односно што се случува во последно време во Унијата, како што е случајот со Брегзит, настаните во Каталонија и раздвиженоста што постои во ЕУ за добивање на поголеми права на локално ниво“, рече претседателот Иванов, информираат од неговиот кабинет.
Запрашан дали ЕУ, но и Македонија, очекува нов мигрантски бран преку западно-балканската рута, на која се наоѓа и македонската држава, претседателот Иванов посочил дека стравот кај Македонија бил во 2015 година, кога земјата не беше подготвена и немала искуство и знаење за она што се случуваше.
Претседателот Иванов укажал дека сега во Европа се отвораат нови рути, па голем дел од мигрантите одат по копнен пат, преку Бугарија во Романија, а оттаму кон Унгарија и се до Германија.
„Македонија, за што доби признание и од самата ЕУ, како земја докажа дека функционира начинот на чување на затворениот коридор и покажа дека нема страв. Стравот е кај другите земји кои треба да го прават тоа што Македонија го направи во 2015 и во 2016 година", истакнал претседателот Иванов.
Во однос на податокот дека земјите од т.н. Вишеградска група, кои се и земји-членки на ЕУ, нема да примаат мигранти на подолг престој, а Брисел бара алтернативи и дали е можно да се направи обид од Унијата да смести на подолг престој мигранти и во Македонија, претседателот Иванов потсети дека земјата во 2015 и во 2016 година излегла со став дека има капацитет само за прием на 2.000 бегалци и тоа транзитно, па затоа тие капацитети беа ставени само на влез и на излез.
„Нашиот капацитет е само за транзит, но, сепак, сега зависи како новата македонска Влада ќе се постави“, истакнал претседателот Иванов.
Претседателот Иванов додаде и дека во однос на мигрантското прашање Туск добро ги познава состојбите во Македонија, бидејќи одлука на ЕУ беше да се затвори коридорот и Македонија сега ја почитува таа одлука.
„Затоа, тие држави треба да се организираат и да најдат решение. Ние отсекогаш инсистиравме дека постојат бегалци на кои им е неопходна помош и поддршка. На тие луѓе им треба и хуманитарна помош и излегување во пресрет, бидејќи немаат домови, разурнати им се местата на живеење и тие се бегалци. Но, сосема поинаква е економската миграција на луѓе кои одат во потрага по среќа и тие претежно се од африканскито континент и истите не може да го имаат истиот статус, како и бегалците од боиштата, кои имаат право на азил и на заштита. Сето тоа создава неусогласеност и во самата ЕУ и создава различни презентации од страна на хуманитарни организации и други“, истакнал претседателот Иванов.
Во рамки на дводневна посета на Белгија, претседателот Иванов ќе учествува и ќе се обрати на форумот Кран Монтата во Брисел и ќе оствари средба со Дидие Рејндерс, вицепремиер и министер за надворешни работи и европски прашања на Белгија.