Bekim Laci
05 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) - Доколку Република Македонија успешно продолжи со темпото на реформи, тогаш во јуни може да смета на поддршка од Ирска и Финска за добивање датум за отворање на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ). Ова го порачаа денеска државната министерка за европски прашања на Република Ирска, Хелен Мекенти, и државниот секретар при Министерството за надворешни работи на Финска, Самули Виртанен, по средбата со заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција по средбата, Османи нагласи дека посетата на двете делегации е значајна бидејќи се работи за земји силни поддржувачи на регионот, особено на Македонија за членство во ЕУ, при што рече дека на средбата разговарале за поддршката која ќе ја имаат овие земји за преговорите на Македонија со другите земји членки на ЕУ, на начин на кој во јуни земјата ќе добие датум за отворање на преговорите за членство.
„Нивната посета во овој клучен момент за земјата, во пресрет на потпишувањето на Протоколот за членство, и неколку месеци пред верификација на датумот за започнување на преговорите, ја гледаме како знак на силна поддршка на овие две земји членки на ЕУ“, рече Османи.
Државната министерка за европски прашања на Република Ирска, Мекенти, го поздрави лидерството и храброста на Владата за спроведување на Договорот од Преспа, што од европска перспектива се гледа како нешто многу вредно не само за земјата, туку и за регионот и ЕУ како целина.
Таа рече дека нејзиното доаѓање во Скопје е реализирано за да се види одблизу ситуацијата пред да се донесе одлуката за отворање на преговорите во јуни.
„Во име на мојата земја можам да истакнам дека ако оваа земја продолжи со напредокот кој го докажа во изминатите години, и ако продолжи со спроведување на реформите, Ирска ќе ја нуди поддршката дадена и во минатото“, нагласи Мекенти, укажувајќи на реформита во судството, јавната администрација и на борбата против корупцијата, кои според неа се многу предизвикувачки прашања за земјата.
Од друга страна, државниот секретар при Министерството за надворешни работи на Финска, Виртанен, рече дека е среќен поради тоа што може да го види напредокот кој го постигна Македонија за спорот за името со Грција, и додаде дека Финска, покрај тоа што посакува да ја види оваа земја во ЕУ, посакува и да ја интензивира билатералната соработка со Македонија.
Што се однесува до агендата за проширување, Виртанен нагласи дека доаѓањето во Скопје е една подготовка за Финска која во јуни ќе го преземе претседавањето на Советот на ЕУ, и изрази надеж дека кога неговата земја ќе го преземе претседавањето, Македонија ќе започне со преговори.
„Од перспективата на Финска, прашањето се однесува на принципот на коректност, нешто што се утврдува преку потпишување на критериумите кои ги направивме за тоа како да ги доведеме процесите напред. Кога гледаме напредок дека се исполнети некои одредени критериуми, тогаш и ЕУ треба да биде праведна и лојален партнер со таа земја“, нагласи Виртанен. Според него, гледаат една посветеност на Македонија, при што ја охрабри Владата да продолжи со истото темпо.