Abdula Berisha
17 Јуни 2022•Ажурирај: 19 Јуни 2022
ОХРИД (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на завршната прес-конференција на Преспа форумот за дијалог (ПФД), го оцени овој настан како успешен и многу корисен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Османи истакна дека ПФД, кој се одржа вчера и денес, се етаблира како препознатлив бренд која ја негува културата на соработка, взаемна доверба и пријателство во градењето на регионалната стабилност.
Османи истакна дека лани, со првиот Преспа форум за дијалог, државата за прв пат организираше меѓународна конференција произлезена од наративот на дијалогот и дипломатското решавање на отворените билатерални прашања.
„Ми претставува особено задоволство што со успешната организација на второто издание на овој меѓународен настан, Министерството за надворешни работи успеа да го промовира Преспа форумот за дијалог како автентична платформа за размена на гледишта, искуства и идеи за современите и идните предизвици и закани", рече Османи.
Тој истакна дека за време на форумот, јавноста имала можност да слушне многу интересни, впечатливи и квалитетни дискусии за најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан како последица на новата геополитичка реалност предизвикана од војната во Украина.
„Ми претставува особена чест што на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог со насловот „Што после војната во Украина?“ овогодинешното признание го доделивме на храбриот украински народ за нивната борба за слобода и демократија. Покажувајќи непоколеблива волја, Украинците ја штитат не само сопствената слобода, туку и нашите заеднички вредности", истакна Османи.
Додаде дека нема позаслужено признание во овој миг и дека ова признание претставува и „наш скромен израз на подршка“ кон украинскиот народ.
Османи, исто така, изрази задоволство од учеството на претседателите на земјите од регионот, истакнати претставници на меѓународните организации, како и премиери и министри за надворешни работи.
Тој упати благодарност за соработката во реализацијата на Форумот до Кабинетот на претседателот на државата, кој е покровител на овогодинешното издание на Форумот, како и до Владата на Северна Македонија.
Tема на овогодишниот форум беше „Градење на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“, и истата имаше за цел да ги одрази актуелните надворешнополитички предизвици и современите безбедносни закани.
Освен главната сесија насловена „Што после војната во Украина?“, на која свое видео-обраќање имаше и претседателот на Украина, Владимир Зеленски, другите теми за кои се разговараше на форумот беа изградбата на издржлива и безбедна средина, зајакнувањето на стратешките партнерства, економската соработка и други.