Ivana Ramadanova
28 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
СКОПЈЕ (AА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денес упати честитка до албанскиот премиер Еди Рама за победата на парламентарните избори, јавува Anadolu Agency (AA).
„Демократските избори во Република Албанија ја покажуваат определеноста на граѓаните на Албанија за почитување на европските вредности, кои се иднината на државата, но и на целиот регион. Убеден сум дека ќе продолжи Вашата посветеност кон демократските и реформските процеси, според стандардите на ЕУ и НАТО“, наведува Заев во честитката.
Заев верува дека ќе продолжи пријателската и принципиелна соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија, преку меѓусебно почитување, разбирање и поддршка, во интерес на обезбедувањето квалитетен живот за граѓаните на двете држави, како и за развој на стабилноста на Балканот во целина.
„Перспективите на државите од Југоисточна Европа се во Европската Унија и во НАТО, и со одлучноста што ја покажуваме како одговорни политичари, уверен сум дека ќе ги осигураме посакуваните и потребните европски интеграции за граѓаните на нашите држави и на регионот“, напиша Заев во честитката до премиерот на Република Албанија, Еди Рама.
Албанската Социјалистичка партија (PS) предводена од актуелниот премиер Еди Рама, победи на парламентарните избори што се одржаа на 25 јуни во Албанија, достигнувајќи парламентарно мнозинство за самостојно да формира влада.