Husamedin Gina
06 Април 2020•Ажурирај: 06 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, денес се состана со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој допатува во работна посета на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата, министрите Димитров и Сијарто одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Димитров, потсетувајќи на глобалната пандемија од вирусот Ковид-19, рече дека средбите со неговите колеги ги одржуваат под вонредни услови и дека под такви услови нагласиле дека се посветени на солидарноста и соработката меѓу Северна Македонија и Унгарија.
„Тесната координација и соработка на регионално ниво и со Европската Унија ќе бидат важни фактори за соочување со коронавирусот. Сакам исто така да му се заблагодарам на Петер за поддршката во однос на нашите тридецениски аспирации да се зачлениме во НАТО“, нагласи Димитров.
Министерот Димитров исто така се заблагодари и за поддршката на Унгарија во однос на започнувањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ).
Одговарајќи на новинарско прашање пристигнато преку мејл, за тоа од кои земји Северна Македонија побарала помош во однос на борбата против Ковид-19, Димитров рече дека била најавена норвешка помош, помошта на ЕУ од 4 милиони евра за потребите на здравствениот систем и дека побарале и добиле позитивен одговор од Кина, меѓутоа нема конкретни бројки за таа помош.
Истакнувајќи дека Холандија ќе помогне со тестови за Ковид-19, Димитров рече дека побарале помош и од Турција.
„Доцна синоќа добивме информации и од Кабинетот на турскиот претседател Ердоган и денеска тоа ќе се најави, помош во маски, заштитни одела и тестови“, рече Димитров.
Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, во име на унгарскиот народ ѝ честиташе на Северна Македонија за полноправното членство во НАТО и за започнувањето на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ).
„Ние многу добро знаеме колку е важно на Западниот Балкан да владее мир и меѓусебна соработка и овие работи нè приближуваат кон тоа“, рече Сијарто.
Сијарто, исто така, истакна дека денес за Северна Македонија донирале 100.000 заштитни маски, 5.000 заштитни одела во интерес да се помогне на здравствените служби во борбата против коронавирусот.
Министерот Сијарто, потсетувајќи дека имаат одлична соработка со Кина и дека постојано пристигнува медицинска опрема во Унгарија, рече дека во нивната земја основана е фабрика која многу бргу ќе започне со производство на заштитни маски.
Истакнувајќи дека за жал, координацијата меѓу земјите членки на Европската Унија во борбата против Ковид-19 била многу бавна, Сијарто рече дека земјите членки биле оставени сами да се борат со коронавирусот.