СКОПЈЕ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција со Северна Македонија има извонредни политички односи, истакнувајќи дека двете земји се природни сојузници, а со членството на Македонија, и официјално ќе станат сојузници во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу, во рамките на официјалната посета на Северна Македонија, во Скопје се состана со својот колега, министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
- Димитров – Чавушоглу: „Проблемот на нашиот пријател е и наш проблем”
По двојната средба и средбата на делегации, Димитров и Чавушоглу ја погледнаа техничката опрема што Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) му ја донираше на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Чавушоглу го изрази своето задоволство што по две години повторно се наоѓа во посета на Северна Македонија, истакнувајќи дека по посетата на министерот Димитров на Анкара во јануари оваа година, имал можност да му ја возврати посетата на својот колега.
Турскиот министер информираше дека на денешните и вчерашните средби ги разгледале билатералните односи меѓу двете земји.
„Имаме извонредни политички врски. Природни сојузници, но сега во НАТО и официјално ќе станеме сојузници. Како што пред малку реков на состанокот, и пред поканата на Северна Македонија во НАТО, ние имавме едно природно сојузништво. Турција отсекогаш истакнувала дека во сите документи во кои се појавува името Северна Македонија, таа ја признава според името во тој момент, според нејзиното уставно име. И во периодот што претстои, ќе продолжи нашата поддршка“, изјави Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија го изрази своето задоволство што Големото народно собрание на Турција го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО пред неговата посета и им се заблагодари на претседателот на Парламентот на Турција и на пратениците.
Чавушоглу истакна дека интеграцијата на Северна Македонија и Западен Балкан во евроатлантските институции е важна не само за самите земји туку и за стабилноста на регионот, изразувајќи ја својата надеж дека во октомври Северна Македонија ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ).
Во однос на билатералните односи, Чавушоглу истакна дека може да се забележи постојан и стабилен раст на нивото на билатералниот обем на трговија, додавајќи дека за постигнувањето на зацртаната цел од 1 милијарда, потребно е да се вложат повеќе напори.
Чавушоглу истакна дека во Северна Македонија се присутни повеќе од 100 турски компании, посочувајќи дека поголемиот дел од овие компании се едни од најмоќните компании во Турција, при што ѝ се заблагодари на Северна Македонија за поддршката што им ја дава на турските компании.
Во врска со техничката опрема што ТИКА ѝ ја донираше на архивата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, Чавушоглу истакна дека денес е потребна дигитализација на архивите, додавајќи дека тоа претставува можност за истражувачите.
Потсетувајќи дека ТИКА во Северна Македонија спровела повеќе од 900 проекти на полето за развој, Чавушоглу истакна дека тоа покажува на значењето што ѝ го придаваат на Северна Македонија, додавајќи дека без да се прави каква било разлика, ТИКА во секој дел од Северна Македонија спроведе проекти со вкупна вредност од околу 100 милиони долари.
Чавушоглу изјави дека преку Институтот „Јунус Емре“ и турската фондација „Маариф“, на полето на културата и образованието сакаат да ги зацврстат релацииите меѓу двете земји.
Чавушоглу информираше дека на средбата зборувале и за регионалните проблеми, додавајќи дека станало збор и за состојбата во Сирија. Шефот на турската дипломатија информираше дека со неговиот колега Димитров разговарале и за борбата против теоризмот, додавајќи дека вчера присуствувал на комеморативниот настан по повод тригодишнината од предавничкиот обид на терористичката организација ФЕТО, за државен удар во Турција.
„Како нација, не е можно да ја заборавиме поддршката што Северна Македонија и народот на Северна Македонија ѝ ја дадоа на Турција по предавничкиот обид за државен удар на 15 јули и нивната солидарност со Турција. Но оваа терористичка организација, ФЕТО, е вгнездена во секој дел од светот, во повеќе од 160 земји, а не само во Турција. Северна Македонија е една од нив. Борбата со оваа терористичка организација не е важна само за Турција, барем не од аспект на солидарност со нас. Таа борба е важна од аспект на безбедноста и стабилноста на Северна Македонија и земјите во кои дејствува. Оваа терористичка организација не е сама, добива поддршка однадвор. Затоа претставува закана насочена кон Северна Македонија и кон другите пријателски земји. Дел од земјите кои во моментов прават притисоци, во случај кога Северна Македонија или некоја од другите пријателски земји би се соочиле со каков било проблем, тогаш тие нема да дојдат навреме, туку Турција е таа која прва ќе помогне. Затоа од пријателската земја Северна Македонија посакуваме да видиме конкретни чекори по прашањето за ФЕТО", рече Чавушоглу и додаде:
„Наместо да разговараме за вакви прашања, за негативни прашања, сакаме да се фокусираме на позитивната агенда и на нашата соработка, пријателството и солидарноста да ги искачиме на повисоко ниво“, раче Чавушоглу.
Чавушоглу истакна дека и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, е одлучен по ова прашање, и рече дека заедно со својот колега ќе ја организираат посетата на претседателот Ердоган на Северна Македонија.
- „Турција беше земја која најмоќно ја поддржуваше Северна Македонија за пристапување во НАТО“
На новинарско прашање на прес-конференцијата, за гласините дека ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Турција е поврзана со затворањето на институциите на ФЕТО, Чавушоглу рече:
„Не би сакале да зборуваме во однос на претпоставки. Северна Македонија за нас е пријателска земја. Турција беше земја која најмоќно ја поддржуваше Северна Македонија за пристапување во НАТО. Овој процес беше ратификуван и во Турскиот парламент. Продолжува текот на членството на Северна Македонија во НАТО. Ако има нешто каде што би можеле да помогнеме во овој процес, ние сме подготвени. Тоа го кажав и на пријателот Никола пред малку. И за тоа работиме заедно. Како резултат на таа работа сакаме да направиме конкретни чекори и да ги видиме тие конкретни чекори. Раководството на пријателска Северна Македонија ги знае нашите очекувања на оваа тема. Важно е во следниот период пред нас да ја продолжиме заедничката соработка и да добиеме резултати.“
- „ФЕТО е вгнездена во повеќе од 160 земји од светот и зад оваа организација стои голема поддршка“
Министерот Чавушоглу беше запрашан за неговата порака на социјалната мрежа Твитер, во која очекува конкретни чекори во врска со ФЕТО во Северна Македонија, до каде е тоа и дали разговарале за 14-те припадници на ФЕТО кои Турција ги побара од Северна Македонија, и како тоа ќе се рефлектира врз односите меѓу двете земји, на што турскиот министер одговори дека традиционално, односите со Северна Македонија се многу добри и дека посакува овие односи да се развијат уште повеќе.
Чавушоглу истакна дека Турција не заштитува ниту една организација која дејствува против нејзините пријатели, додавајќи дека таа е многу чувствителна по тоа прашање.
„Прашањето за ФЕТО не е проблем само за Северна Македонија. Оваа терористичка организација, оваа терористичка мрежа се вгнездила во повеќе од 160 земји и зад неа стои голема поддршка, ја поддржуваат различни земји и нивните разузнавачки организации. Покрај тоа, врз земјите се прави притисок, да не преземаат ништо во врска со ФЕТО. Ние и тоа го гледаме. Но ние меѓусебно многу искрено ги разгледуваме сите димензии, нашите разузнавачки служби меѓусебно соработуваат. Постојат судски процеси што се во тек, се знае што очекуваме. Во врска со имињата, имаше објава и од нашиот претседател од Сараево. И ние разговаравме меѓу нас. Би можел да кажам дека го водиме процесот на еден искрен начин", истакна Чавушоглу.
„За овој конструктивен пристап, за соработката, би сакал да им се заблагодарам на Никола и на сите претставници од власта на Северна Македонија. Затворањето на весникот „Заман“ [печатеното издание] е еден од позитивните чекори, но треба да се признае дека тие тука добро се вгнездиле. Затоа, Северна Македонија не смее да дозволи оваа мрежа да стане моќна, туку спротивното, оваа мрежа да ја исчисти од Северна Македонија, бидејќи тоа е чувствително и значајно прашање од аспект на безбедноста и стабилнота, и за народот во Северна Македонија и за самата земја. Ние тоа го кажуваме како пријател, бидејќи ние тоа го преживеавме, и не сакаме истото да го преживеат и нашите пријатели. Напразно не постои оваа мрежа во 160 земји од светот. Некој ја користи и ја поддржува. Во нашата борба против оваа мрежа во различни земји, почнувајќи од Африка, Југоисточна Азија, Латинска Америка, можеме да забележиме дека одредени земји сѐ уште продолжуваат да ѝ пружаат помош“, рече Чавушоглу.
- „Техничките прашања, ние секогаш како членка на НАТО, ги земаме со чувствителност“
На новинарско прашање, дали набавката на системот „S-400“ може да ги наруши односите меѓу Турција и САД непоправливо, Чавушоглу потсети дека системот за воздушна одбрана, за кој Турција има потреба, почна во делови да доаѓа во Турција.
Чавушоглу, истакнувајќи дека системот ќе стане активен на почетокот од следната година, рече:
„Процесот се одвива според планот. За ова прашање, знаете, кај САД имаше некое незадоволство. Но ние им предложивме да формираме една заедничка група, и ако имаат некоја загриженост, да ја оценуваме во НАТО. Но САД не го прифатија тоа, бидејќи темата не е техничка, туку темата се однесуваше на тоа дали можеш да купуваш или не можеш да купуваш од Русија. Но изјавите на претседателот Трамп на Г-20 се сосема јасни. До тој ден се слушаа различни гласини од различни институции. И сега повремено доаѓаат, но тука наш соговорник е претседателот на земјата, Трамп. И неговата позиција беше многу јасна. Ние не сакаме ваквите теми да предизвикуваат проблеми со земји како САД - ние сме суверена, независна земја и ние го купуваме системот за воздушна одбрана бидејќи ни е потребен, а не како систем за напад. И вие ги следите заканите во нашиот регион. Од друга страна, познати се изјавите на генералниот секретар на НАТО и заменикот на генералниот секретар кој е Американец. Секој сојузник одбранбениот систем може да го купува од каде што сака. НАТО кон тоа нема приговор. И техничките прашања, ние секогаш како членка на НАТО, ги земаме со чувствителност", истакна шефот на турската дипломатија, додавајќи:
„Со други зборови, системот „S-400“ не претставува закана за системот на НАТО, вклучувајќи го и „F-35“. Системот е целосно под контрола на Турција, под наша контрола. Тоа е систем кој ќе се користи кога има потреба од одбрана, нема потреба од создавање непотребни тензии, затоа што договорот е веќе завршен. Почна и процесот на испорака и ќе продолжи сѐ додека не заврши.“
- „Имаме одлични односи и со Србија и со Косово“
„Ние како Турција ќе го поддржиме секој договор што ќе биде постигнат меѓу Косово и Србија“, рече Чавушоглу.
На новинарско прашање за тоа какво решение ќе поддржи Турција во спорот меѓу Косово и Србија и дали ќе поддржи размена на територии, Чавушоглу рече:
„На денешната средба разговаравме и за регионалните прашања. Особено за стабилноста на Западен Балкан, ставовите на Северна Македонија и Турција целосно се совпаѓаат. И во домашната политика, и при решавање на проблемите меѓу две земји, ние сме за дипломатија, дијалог и за меѓусебен договор. Во таа смисла, чекорите што Северна Македонија ги презема во внатрешната политика ги гледаме како позитивни и ги поддржуваме. Ние како Турција ќе го поддржиме секој договор што ќе биде постигнат меѓу Косово и Србија. Ние однадвор не можеме да условуваме да се договорат за некоја тема, тоа не е согласно со принципите на нашата надворешна политика", рече Чавушоглу и додаде дека и со двете земји имаат одлични односи.
„И со Србија и со Косово имаме совршени односи. Нашиот претседател е во постојан контакт со лидерите на двете земји, со цел да се намали тензијата. Ние ја водиме таа дипломатија. Добро започнаа, но за жал, тензиите се зголемија. Тоа треба да го промениме. Во таа смисла, ние како конструктивен дел, подготвени сме да помогнеме во сѐ што можеме. Силно ќе го поддржиме секој договор што ќе го постигнат двете земји.“
Во рамките на официјалната посета на Северна Македонија, Чавушоглу се состана и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и со премиерот Зоран Заев.
news_share_descriptionsubscription_contact
