Sm Najmus Sakib
22 Јули 2025•Ажурирај: 23 Јули 2025
ДАКА (АА) - Бројот на загинати поради паѓањето на авионот на Военото воздухопловство на Бангладеш, кој удри во училишна зграда во Дака, се искачи на 27, меѓу кои 25 деца, соопштија официјалните лица денес, при што завршија операциите за спасување и започна истрагата за инцидентот, јавува Анадолу.
Најмалку 78 лица - претежно ученици, пожарникари и војници - се хоспитализирани со сериозни изгореници, а некои се во критична состојба, изјави специјалниот помошник на шефот на привремената влада, Саједур Рахман, за време на брифингот за медиуми.
„Дваесет тела на загинатите се идентификувани и предадени им се на нивните семејства, а шест сѐ уште се неидентификувани“, додаде Рахман.
Загинаа и пилотот на авионот и учителот што, според наводите, спасил 20 ученици пред да им подлегне на повредите од огнот.

Соопштено е дека тренажниот авион со две седишта имал „механички дефект“ набрзо по полетувањето од воздушната база АК Кандакер во Дака.
Пилотот се обидел да го насочи авионот подалеку од густо населената област, но удрил во двокатната зграда на училиштето „Мајлстоун Скул енд Колеџ“ во населбата Диабари околу пладне, околу 10 минути по полетувањето.
На снимките од местото се гледаат густи облаци од чад и силен оган што излегуваат од урнатините.
Ракибул Ислам, чичко на осмоодделенец во училиштето, за Анадолу изјави дека неговиот внук го избегнал инцидентот, но за малку можел и да не успее да се спаси.
„Авионот се урна само околу 10 минути пред училиштето да заврши со наставата во основното училиште. Учениците се трауматизирани. Мојот внук едвај зборува откако избега од пожарот“, рече тој.
За денес привремената влада прогласи национален ден на жалост.
Противпожарните служби завршија со активностите за спасување, а персоналот на морнарицата останува на местото на настанот за да ја следи ситуацијата и да помогне по потреба.