Said Amori
24 Јуни 2024•Ажурирај: 25 Јуни 2024
АЛ-КУДС (АА) - Израел се подготвува да ја смени ситуацијата на границата со Либан, но се надева дека тоа нема да биде потребно, изјави вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, осврнувајќи се на судирите на армијата со либанската група Хезболах, јавува Анадолу.
Говорејќи за израелскиот Канал 14 за можноста за сеопфатна војна со Хезболах, Нетанјаху рече:
„И ние ќе се соочиме со овој предизвик. Може да се бориме на неколку фронта. Подготвени сме за ова.“
За војната во Појасот Газа тој рече дека фазата на интензивни борби е при крај, но дека војната нема да заврши сѐ додека Хамас ја контролира енклавата.
Нетанјаху рече дека Тел Авив сака да формира „локални кланови“ што ќе владеат со Појасот Газа.
Тој додаде дека повторното воспоставување израелски населби во Газа „не е реално“ и нема да им служи на целите на војната.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници, започната по нападот на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во Појасот Газа се убиени повеќе од 37.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а околу 86.000 се ранети.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна одлука им се нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.