Muhammed Emin Canik
17 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија ја нападнала детската болница „Рантиси“ во градот Газа, во која се сместени 80 пациенти, известува Анадолу.
Министерството за здравство на Газа објави дека израелската армија синоќа трипати последователно ги нападнала горните катови на болницата во период од неколку минути.
Осудувајќи го израелскиот напад, во соопштението се вели: „Ова злосторство уште еднаш ја потврдува систематската политика на окупаторската израелска Влада за таргетирање и онеспособување на здравствениот систем во Појасот Газа.“
Се нагласува дека детската болница „Рантиси“ е „единствена специјалистичка болница“ во Појасот Газа, која нуди стручност во областите на онкологија, дијализа, респираторни и дигестивни заболувања.
Во болницата се сместени 80 пациенти на различни одделенија, меѓу кои четири деца се на одделот за интензивна нега, а осум бебиња на одделот за неонатална нега.
По израелскиот напад, 40 пациенти ја напуштиле болницата во потрага по засолниште и да ги спасат своите деца, а 40 пациенти и нивните придружници, 12 пациенти на одделот за интензивна нега и 30 членови на болничкиот персонал останале во болницата.
Упатен е повик за заштита на здравствените установи, персоналот и пациентите во Појасот Газа.
Израелската армија продолжува со жестоки напади насочени кон различни подрачја на Појасот Газа и бомбардира згради и домови во градот Газа со цел раселување на цивилите.