Beyza Binnur Dönmez
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Лидерите на Европската Унија (ЕУ) упатија апел за итно интензивирање на активностите за зајакнување на европските одбранбени капацитети, порачувајќи дека блокот мора значително да ја зголеми подготвеноста до 2030 година, како одговор на растечките безбедносни закани и руската војна против Украина, јавува Анадолу.
Во заклучоците усвоени на вчерашниот состанокот на Европскиот совет во Брисел, лидерите нагласија дека одбранбената подготвеност на Европа мора „драстично да се подигне на повисоко ниво“ и ги повикаа земјите членки да дејствуваат побрзо за намалување на стратегиската зависност, да ги затворат клучните недостатоци во капацитетите и да ја зајакнат безбедноста на целиот континент.
Европскиот совет ја нагласи важноста на заштитата на сите копнени, воздушни и поморски граници на Унијата, укажувајќи на честите нарушувања на воздушниот простор и територијалните води на земјите членки, кои се поврзани со руската војна против Украина.
Лидерите „најостро“ го осудија инцидентот од 29 мај, во кој руско беспилотно летало натоварено со експлозив се урна врз станбена зграда во Романија, посочувајќи го овој настан како јасен доказ за директните безбедносни закани за источниот дел на Унијата. Блокот изрази целосна солидарност со Романија и со другите земји членки погодени од слични инциденти.
Советот, исто така, ги осуди и неодамнешните хибридни напади врз Европската Унија и нејзините земји членки и повика на итна акција, со цел да се зголеми отпорноста, да се подобри подготвеноста и да се осигури безбедноста на критичната инфраструктура. Лидерите ги поздравија тековните активности за безбедносни мерки во областа на беспилотните летала и системите за антидрон заштита, со цел спречување и одговор на вакви закани.
Потврдувајќидека НАТО и понатаму е столб на колективната одбрана за земјите членки што се дел од Алијансата, Европскиот совет нагласи дека посилниот европски одбранбен капацитет би ја надополнил трансатлантската безбедност и позитивно би придонел за глобалната стабилност.
Европските лидери изразија задоволство од зголемувањето на издвојувањата за одбраната, но нагласија дека повисокото трошење мора да биде придружено со поголема координација и заеднички инвестиции. Го истакнаа напредокот во приоритетните сектори, вклучително и воздушната одбрана, системите за рано предупредување, технологиите за дронови и противдронска заштита, капацитетите за далечни прецизни напади и вселенските капацитети.
Европскиот совет дополнително ја нагласи неопходноста од консолидација на одбранбената индустриска база на Европа, зголемување на производствените капацитети и забрзување на имплементацијата на одбранбените иницијативи, како што се инструментот „Безбедносна акција за Европа“ и Европската програма за одбранбена индустрија.
Лидерите најавија дека во октомври 2026 година повторно ќе ги разгледаат прашањата за одбраната и безбедноста, врз основа на годишниот извештај за одбранбена подготвеност што го подготвува Европската агенција за одбрана.