АНКАРА (АА) - И покрај актуелната ескалација на тензиите, ерменските и азербејџанските заедници сè уште можат да живеат заедно по завршувањето на речиси тридецениската нелегална окупација од страна на ерменските сили, тврди азербејџански официјален претставник.
„Иако во моментов живееме во состојба на интензивна војна, јас сè уште верувам во можноста за коегзистенција на ерменската и азербејџанската заедница во меѓународно признатите граници на Азербејџан“, изјави Турал Ганџалиев, шефот на азербејџанската заедница во азербејџанскиот дел на Нагорно Карабах, за Агенција Анадолија (АА).
Ганџалиев, кој исто така е член на азербејџанскиот Парламент, потсети дека пред конфликтот за Нагорно Карабах меѓу Ерменија и Азербејџан пред речиси 30 години, двете заедници имале мирен соживот.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се напнати од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан и седум соседни региони.
Ганџалиев нагласи дека денес, целта на Баку е да ги ослободи сите окупирани територии, додавајќи дека неговата земја ќе ги продолжи своите воени операции сè додека не биде ослободена цела територија окупирана од ерменските сили.
Нови судири избувнаа на 27 септември и оттогаш, Ерменија постојано вршеше напади врз азербејџански цивили и трупи, па дури и прекрши три договори за хуманитарно примирје од 10 октомври.
- Преселување на населението во слободните територии -
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев до денеска објави дека над 200 села, како и неколку населени места и градови на Азербејџан, се ослободени од ерменската окупација.
Ганџалиев нагласи дека азербејџанската Влада има специјален план за репатријација на внатрешно раселените лица (IDPs) и бегалците во нивната татковина во ослободените територии.
Тој нагласи дека по ослободувањето на сите територии од окупација, имплементацијата на овој план ќе започне во фази.
„Секако, сево ова нема да се случи во еден ден. Овие области прво треба да бидат расчистени од мини, тогаш таму мора да се изгради клучната инфраструктура, а потоа луѓето постепено да се враќаат во своите места“, додаде тој.
Во Азербејџан регистрирани се околу 1 милион бегалци и внатрешно раселени лица, кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради конфликтот започнат од ерменските сили.
- Воени злосторства -
Ганџалиев повтори дека од првите денови на тековниот конфликт, ерменските вооружени сили гранатирале цивили и населби долж фронтот, додавајќи дека тие не избегнувале истрелување балистички ракети кон големите градови далеку од конфликтната зона како што се Гања, Барда, Мингачевир и други региони.
„Сево ова е грубо кршење на меѓународното хуманитарно право, особено на Женевската конвенција од 1949 година, и претставува воено злосторство“, рече тој.
На 28 октомври, во смртоносен ракетен напад на ерменските сили врз азербејџанските цивилни населби во центарот на градот Барда, загинаа најмалку 21 лице, од кои 5 жени, а ранети беа 70 лица, од кои 8 деца и 15 жени.
„Два повеќецевни фрлачи на ракети „Смерч“, кои се забранети со меѓународното право, беа истрелани околу 13:00 часот по локално време кон густо населената област со трговски објекти во Барда“, соопшти Канцеларијата на генералниот обвинител на Азербејџан.
Истакнувајќи дека политичкото и военото раководство на Ерменија сноси целосна одговорност за ваквите злосторства, Ганџалиев рече дека „Амнести интернешнл“ и „Хјуман рајтс воч“ потврдиле употреба на забранета муниција од страна на ерменските сили против цивилите во Азербејџан.
„Како што можете да видите, политиката на Ерменија за етничко чистење и геноцид врз Азербејџанците продолжува, и во суштина, нема голема разлика помеѓу она што се случи пред 30 години и она што се случува сега.“
„До денеска, повеќе од 90 цивили ги загубија своите животи, вклучувајќи 11 деца и новороденчиња, а над 400 лица, со најмалку 36 деца меѓу нив, се повредени во неодамнешните напади на ерменските сили“, соопшти Главното обвинителство на Азербејџан.
Уништени се околу 2.971 куќа и 100 станбени згради, а оштетени се и 502 цивилни објекти.
- Радост, но и лутина по ослободувањето на териториите -
Ганџалиев изјави дека благодарение на вооружените сили на Азербејџан, луѓето ги живеат „своите најсреќни денови“, бидејќи нивните срца се исполнуваат со радост слушајќи дека нови села и градови се ослободени од окупација.
„Денес илјадници луѓе седат пред телевизија и со нетрпение ги очекуваат вестите за ослободување на нивните окупирани села“, рече тој.
Тој нагласи дека заедно со радоста, кога ќе ги погледнат снимките од ослободените територии, луѓето исто така чувствуваат гнев, бидејќи убавите места во кои луѓето живееле, сега се во урнатини.
„Не само џамиите, туку и светите места од други религии беа уништени или оштетени од окупаторските вооружени сили на Ерменија.“
Претходно, на видеоснимка од мобилен телефон беше откриено како историска џамија во Зангилан, Азербејџан, која беше ослободена на 20 октомври од ерменската окупација, била претворена во кочина.
На видеоснимката, која беше објавена на социјалните мрежи, се гледа како азербејџанските војници влегуваат во исламскиот објект во кој има свињи. Џамијата стана урнатина.
- Можност за траен прекин на огнот -
Ганџалиев рече дека главната причина што ерменските сили постојано ги кршат сите три привремени хуманитарни договори за прекин на огнот е што ерменското политичко раководство не се помирило со поразот на бојното поле.
Тој истакна дека постои „можност“ за трајно примирје, додавајќи дека Азербејџан постојано ги наведувал потребните чекори што треба да се спроведат за да се постигне тоа.
„Доколку се обезбеди имплементација на договорените основни принципи, тогаш може да се постигне траен прекин на огнот, а луѓето нема да ги загубат своите животи. За да се направи ова, Ерменија мора да се согласи дека се придржува до овие принципи и да ги повлече своите окупаторски сили од териториите на Азербејџан“, рече тој.
Последниот привремен хуманитарен прекин на огнот со посредство на САД меѓу Азербејџан и Ерменија стапи во сила на 26 октомври. Сепак, тој траеше кратко, бидејќи само неколку минути откако стапи на сила, ерменските сили повторно го прекршија примирјето.
Првото примирје, постигнато на 10 октомври, беше прекршено во рок од 24 часа, при што во ракетните напади на Ерменија врз азербејџанскиот град Гања, многу цивили ги загубија своите животи.
Во два одделни ракетни напади во Гања, голем град со половина милион луѓе далеку од линијата на фронтот, Ерменија уби над дваесетина цивили, вклучувајќи деца, и повреди голем број други.
Ерменија прекрши уште едно примирје на 17 октомври.
„Откако Ерменија доживува пораз на бојното поле, вложува максимални напори да го смени правецот на конфликтот и да вклучи трета страна“, рече Ганџалиев, додавајќи дека сите чекори преземени во оваа насока од Ерменија се неутрализирани досега, а провокациите на Ерменија се откриени.
„Азербејџан се бори на своите меѓународно признати територии против окупаторските сили на Ерменија“, рече тој.
- Молк за окупацијата -
„Додека Азербејџан одржуваше отворени односи со многу држави, само малку земји изразија отворена поддршка за ставот на Азербејџан за ослободување на окупираните земји, додека голем број држави молчеа за оваа окупација“, рече тој.
„Но, денес, поддршката на праведниот став на Азербејџан не значи избор помеѓу Азербејџан и Ерменија. Тоа е поширок концепт и е избор помеѓу меѓународно право или окупација.“
Ганџалиев изрази благодарност до братската земја Турција за „поддршката на меѓународното право, правда и правичност“ во конфликтот.
Светските сили, вклучително и Франција, Русија и САД, повикаа на одржлив прекин на огнот. Во меѓувреме, Анкара го поддржа правото на Баку за самоодбрана и побара повлекување на окупаторските ерменски сили.
- Решавање на конфликтот -
Истакнувајќи дека постоеле „добро познати принципи“ за решавање на конфликтот, Ганџалиев рече дека тој треба да се реши во согласност со нормите и принципите на меѓународното право.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Парламентарното собрание на Советот на Европа (PACE) исто така смета дека територијата се наоѓа под окупација на ерменските сили.
„Според тоа, окупацијата на териториите на Азербејџан мора да престане и сите раселени лица мора да се вратат во својата територија. Со цел да се постигне долготраен мир во регионот, Ерменија мора да се откаже од својот деструктивен начин на размислување и да вложи напори за решавање на конфликтот преку дијалог во согласност со меѓународното право“, заклучи Ганџалиев.
Околу 20 отсто од територијата на Азербејџан, меѓу која и Нагорно Карабах и седум соседни региони, се под нелегална ерменска окупација речиси три децении.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
