Cüneyt Karadağ
03 Ноември 2019•Ажурирај: 04 Ноември 2019
БЕРЛИН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека ниту една земја членка на НАТО не претрпе терористички напади колку Турција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Столтенберг во изјава за весникот „Билд ам зонтаг“ („Bild am Sonntag“) нагласи дека почнало да се намалува насилството во северниот дел на Сирија, и дека ќе се направат и напори за политичко решение.
„Треба да прифатиме дека Турција е значаен сојузник. Турција на одлучен начин даде придонес во борбата против ДЕАШ и во насока на физичко рушење на таканаречениот калифат. Ниту една земја членка на НАТО не прифати сириски бегалци колку Турција, која прифати 3,6 милиони Сиријци. Ниту една земја членка на НАТО не претрпе терористички напади колку Турција“, рече Столтенберг.
Што се однесува до предлогот на германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, за формирање меѓународна безбедносна зона во северниот дел на Сирија, Столтенберг истакна дека го поздравуваат овој предлог, но, според него, сите земји во светот имаат одговорност во ставањето крај на насилството во Сирија.
Столтенберг нагласи дека не е лесно да се донесе одлука за испраќање војници во Сирија, и дека сè уште е рано да се вели дека може да се спроведе овој предлог.
Тој рече дека НАТО е еден форум каде што земјите членки отворено и сериозно ги споделуваат своите мислења.