Diyar Güldoğan
11 Јули 2025•Ажурирај: 11 Јули 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Последните воздушни напади на САД врз три клучни ирански нуклеарни постројки ги постигнале поставените цели, соопштија вчера претставници на Пентагон, но не потврдија дали целосно се уништени, наведувајќи дека сè уште се очекува конечна процена на штетата, јавува Анадолу.
Официјални претставници од Агенцијата за намалување закани во одбраната (ДТРА) одржаа телефонска панел-дискусија за нападите извршени на 21 јуни врз нуклеарните постројки во Фордо, Натанз и Исфахан.
„Добивме почетни процени, а завршените процени ќе пристигнат со текот на времето“, рече еден од претставниците одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали е извршена процена на штетата.
„Како што рече и претседателот на Здружените началници, генерал Ден Кејн, на прес-конференцијата пред две недели, сметаме дека сме успешни во постигнувањето на целите што ги поставивме“, додаде официјалниот претставник.
На прашање дали муницијата функционирала како што е дизајнирана, вклучително достигнувајќи до проектираната длабочина, ДТРА соопшти дека тој податок сè уште не е целосно потврден.
„Прецизните информации за длабочината ќе бидат дел од завршната процена на штетата“, рече претставникот.
На прес-конференцијата на 22 јуни генералот Кејн изјави дека првичните процени укажуваат на „екстремно сериозна штета и разурнување“ на сите три локации при операцијата наречена „Миднајт Хамер“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неколку наврати изјави дека иранските нуклеарни постројки биле „целосно уништени“.
И покрај овие неизвесности, претставниците на ДТРА ја карактеризираа мисијата како успешна.
„Како што кажа и претседателот на Здружените началници, ја постигнавме зададената цел. Им ја дадовме потребната информација на носителите на одлуки што, преку националната команда, ги одобрија нападите и тие постигнаа посакувани ефекти. Тоа е успех“, рече еден од претставниците.
На дополнително новинарско прашање какви ефекти точно се постигнати и дали објектите се уништени, претставниците повторно упатија на претходните изјави на генералот Кејн.
„Која беше целта?“, праша новинар.
„Од наша перспектива, ние обезбедивме информации за да им овозможиме да го погодат тоа што сакаат да го погодат“, одговори еден претставник.
Друг претставник додаде: „Кога станува збор за целите, тоа е надвор од прашањата на кои може да одговориме.“
Претходно овој месец портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, изјави дека иранската нуклеарна програма е „поткопана“ за една до две години поради нападите, истакнувајќи дека локациите се „целосно уништени“.