Yusuf Özcan
30 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
ПАРИЗ (AA) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави дека признавањето на израелскиот суверенитет над окупираната Голанска Висорамнина е спротивно на меѓународното право и дека само ја зголемува напнатоста во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Елисејската палата наведено е дека францускиот претседател Макрон вчера во Париз се состанал со јорданскиот крал Абдулах II.
Двајцата лидери се согласиле околу значењето на пронаоѓање политичко решение за ситуацијата во Сирија, односно дека во случај на неизнаоѓање сеопфатно политичко решение во таа земја, нема да биде можно да се воспостави мирот.
Во текот на состанокот станало збор и за неодамнешната американска одлука со која се признава израелскиот суверенитет над окупираното подрачје на сириската Голанска Висорамнина.
„Францускиот претседател Макрон порача дека признавањето на израелскиот суверенитет над окупираната Голанска Висорамнина е спротивно на меѓународното право и дека само ја зголемува напнатоста во регионот“, наведено е во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот потпиша декларација со која Голанската Висорамнина официјално се признава како израелска територија.
Израел окупираше две третини од сириската Голанска Висорамнина во текот на Шестдневната војна во 1867 година, а анексијата на тој регион ја прогласи во 1981 година.
Според меѓународното право, Голанската Висорамнина има статус на територија која е окупирана со конфликт.