Mustafa Deveci
21 Септември 2018•Ажурирај: 23 Септември 2018
ЕРУСАЛИМ (AA) - МУСТАФА ДЕВЕЧИ - Норвешката активистка за човекови права, Кристин Фос, која израелските војници во два наврати ја ранија со гумени куршуми во текот на протестите на окупираниот Западен Брег, и покрај тоа продолжува да го поддржува палестинскиот народ и да се бори против израелското насилство над него, јавува Anadolu Agency (AA).
Фос моментално се наоѓа во регионот Хан ал-Амр во окупираниот Источен Ерусалим (Кудс), каде што и одговараше на прашањето на новинарот на AA. Истакна дека постојат многу причини поради кои дошла во Палестина.
Фос во Норвешка, во областа на заштита на човековите права беше активна четири години, а како прва причина за нејзиното доаѓање во Палестина го наведува фактот дека само така ќе можела со свои очи да види што всушност се случува.
Во Палестина, од почетокот на јули оваа година, таа следеше голем број палестински протести и се трудеше тамошните случувања да ги пренесе во светот.
На самиот почеток на разговорот, Договорот од Осло, кој во 1993 година е потпишан помеѓу Палестинската ослободителна организација и Израел, Фос го окарактеризираше како потполно фијаско, и истакна дека верува оти и нејзината земја Норвешка е одговорна за актуелните случувања во Палестина.
„Дојдов тука за да му кажам на палестинскиот народ дека норвешкиот народ е со него, и дека не ги поддржуваме израелските злосторства, како ни окупацијата на Палестина“, порача Фос.

Норвешката активистка, по доаѓањето во Палестина беше присутна на протестите во градот Хеброн, во текот на кои ја уапсиле израелските сили, а по шест часа е пуштена на слобода со мерка за забрана од две недели за влегување на Западниот Брег. По истекот на забраната, Фос повторно се врати на Западниот Брег и учествуваше на голем број протести.
Наведе, исто така, дека израелските војници во два наврати ја повредиле, погодувајќи ја со пластични куршуми во текот на протестите во регионот Кар Кадум.
„Мислам дека израелските војници сакаат да ги користат сите методи кои инаку ги користат над Палестинците. Погодена сум во пределот на стомакот додека со камера ги снимав протестите. Како што може да се види на видеозаписите, бев далеку од демонстрантите и не претставував никаква закана“, рече Фос.
Додаде и дека една недела подоцна повторно е погодена со пластичен куршум, овој пат во нога.
„Уште чувам куршум со кој ме погоди израелски војник“, порача храбрата норвешка активистка.
Истакна дека регионот Хан ал-Ахмер, во кој Високиот израелски суд одобрил рушење на палестинските населби е од големо значење.
Како што рече, во случај овој регион да биде срушен, Израел автоматски ќе има можност да ги сруши и другите палестински села.
„На овој начин Ерусалим од северот и југот ќе ја загуби врската со Западниот Брег и на Палестинците ќе им биде оневозможено движење во регионот“, истакна Фос, и додаде:
„Целиот свет мора да биде тука и сето ова мора да се спречи. Потребно е тука да дојде делегација на ЕУ. Се надевам дека рушењето ќе биде спречено, бидејќи овој регион е од стратешка важност за Израел. Поради тоа сум сигурна дека Израел ќе направи сѐ за да дојде до рушење на овие населби“, предупреди Фос.